Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во вечерашното гостување на емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, истакна дека се расветлени причините за некои од пожарите што се случиле во последниот период.
Тошковски нагласи дека Министерството за внатрешни работи (МВР) успешно ги истражило инцидентите во Ѓорче Петров, Мралино и случајот со две малолетни лица кои се пријавени со запалки и шишиња полни со бензин.
„Во Ѓорче Петров едно лице потпалувало сува трева, во Мралино две лица соголуваа кабли, предизвикувајќи пожар, и сегашните осомничени се во притвор. Пред два дена, фативме три малолетни лица со две шишиња бензин и запалки, чии намери беа да подметнат пожар во околината на селото Ајватовци. Овие случаи се расветлени и работиме на идентификација на сторителите“, рече Тошковски.
Според неговите зборови, постои сомневање за подметнување во инцидентите околу Смилковското езеро и касарната во Ѓорче Петров, бидејќи пожарите се случиле последователно.
„Има делови од доказите кои потврдуваат подметнување, но за конкретни лица и мотиви не можам да коментирам во овој момент“, објави тој.
Тошковски исто така додаде дека во областа на гаснење на пожарите, МВР веќе имало значителен успех, истакнувајќи дека само десет од возилата пренаменети за гаснење на пожари исфрлиле 300 тони вода, што е еквивалентно на 300 прелети од еден хеликоптер.
„Сите возила, од прво до последно, кои имаат за задача да се користат во гаснење на пожари, се регистрирани и опремени. Важно е да напоменам дека во првиот ден на пожарите, околу десетина возила испуштиле 300 тони вода, што е значајно“, појасни Тошковски.
Исто така, нагласи дека со 43 возила, би се постигнала огромна количина на вода, што би било во функција на ефикасното гаснење на пожарите.




