Расмусен: Шолц треба да дејствува многу порешително, Европа мора да ѝ го обезбеди на Украина сето оружје што ѝ е потребно

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен го критикуваше германскиот канцелар Олаф Шолц дека е премногу нерешителен.

Во интервјуто објавено денеска во швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“, Расмусен во врска со војната во Украина рече: „Потребни ни се шефови на држави кои ќе дејствуваат решително“.

„Во време на војна, не можете да владеете следејќи го јавното мислење. Потребна ни е многу порешителна германска Влада. Канцеларот Шолц е премногу бавен, премногу колеблив“, рече Расмусен.

Германскиот канцелар со месеци ја блокираше испораката на крстосувачките ракети „Таурус“ со подолг дострел за Киев поради загриженост дека тие би можеле да се употребат за да се нападнат цели во Русија и дополнително да ескалира конфликтот. Имаше притисок во неговата влада да го смени неговиот став.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

„Шолц треба да дејствува многу поактивно. Не разбирам зошто Германија не испорачува проектили ‘Таурус’. Европа мора да се префрли на воена економија и да ѝ го обезбеди на Украина сето оружје што ѝ е потребно. Конечно мора да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата. Путин нема да попушти, особено не до изборите во САД“, рече Расмусен.

Покрај тоа, тој се залагаше за упатување покана до Украина за членство во НАТО што е можно поскоро.

„Не знам дали тоа ќе се случи на самитот на НАТО во јули“, рече Расмусен.

Расмусен ја извршуваше премиерската функција во Данска и моментално е копретседавач на Меѓународната работна група за безбедносни прашања и евроатлантска интеграција на Украина.

- Реклама -