Кинеската ракета која се распадна во вселената оваа седмица создаде повеќе од 700 парчиња отпад, ставајќи во опасност од судири повеќе од илјаа сателити и други објекти во орбитата на Земјата, велат аналитичарите.
Кинеската државна компанија „Shanghai Spacecom Satellite Technology“ (SSST) лансираше 18 интернет сателити во орбитата во вторникот, првиот дел од комуникациската мрежа што ќе се натпреварува со „Starlink“ сателитската мрежа на компанијата „SpaceX“ на Илон Маск.
Горниот дел од ракетата, кој ги поставува тие сателити во орбитата, се чини дека експлодирал набргу по ослободувањето на товарот, создавајќи остатоци.
Американските компании за следење на вселената проценуваат дека има најмалку 700 парчиња. Компанијата „LeoLabs“ во петокот објави дека бројот парчиња вселенски отпад надминал 900, што го прави овој настан еден од најголемите забележани досега.
Облакот од отпадоци, создаден на надморска височина од околу 800 километри, ќе опстојува неколку години, велат некои аналитичари.
Не е јасно дали последното распаѓање е предизвикано од судир со друг објект или од експлозија на неискористеното ракетно гориво.
Повеќе од 1.100 сателити и други објекти во вселената се изложени на ризик од судир со кинескиот всеченски отпад, изјави за Reuters Одри Шафер, потпретседателка за стратегија во компанијата за следење на вселената „Slingshot Aerospace“.
„Она што сега го гледаме е дека има повеќе од 1.100 предвидени блиски средби на помалку од 5 километри во следните три дена“, рече Шафер.
Додава дека во околу една третина од случаите, станува збор за активни вселенски летала што веројатно може да се избегнат судир. Другите објекти, вели Шафер, се неконтролирани парчиња од постојниот вселенски отпад што немаат начин да избегнат нови отпадоци.
Ова е причината зошто многу аналитичари стравуваат од верижни судири.
Слично нешто се случи во 2022 година со кинеската ракета „Долгиот марш 6A“. Тогаш беа создадени стотици парчиња отпад, поради што западните земји ја критикуваа Кина.
„Искрено, разочарувачки е што ракетата повторно го имаше истиот проблем. Вакви настани, кои создаваат отпад и се потенцијално избегнати, не треба да се повторуваат“, додава Шафер.