„Рацете на брат ми“

Приказната вели дека во XV век во едно мало село до Нирнберг, живеело семејство со осумнаесет деца. Да, осумнаесет! За да обезбеди храна за семејството, таткото – златар по професија, бил принуден да работи по 18 часа на ден.

Иако состојбата на семејството била безнадежна, не можела да ги задуши мечтите на двајца од синовите – да го развијат својот талент за сликање и да станат големи сликари. Од друга страна, знаеле дека нивниот татко никогаш нема да може да си дозволи да ги испрати во Нирнберг, за да учат уметност наАкадемијата.

По многубројните дискусии, браќата стигнале до решение. Ќе фрлаат паричка. Тој што ќе изгуби ќе почне да работи во некој од блиските рудници и со тие пари ќе го издржува другиот додека тој учи на академијата. Потоа, кога едниот брат ќе дипломира, ќе се врати дома и со парите од уметноста ќе го издржува другиот, за да студира и тој. Во краен случај, ако е потребно, и тој ќе работи во рудниците за да го одржи своето ветување.

Паричката го посакала братот Албрехт Дирер. Како што било ветено, тој заминал во Нирнберг, а неговиот брат заминал да работи во рудниците и следните четири години го финансирал неговото студирање. Албрехт пак станал вистинска сензација во академијата. Неговите цртежи и гравури биле подобри дури и од тие на некои професори. Тоа му помогнало да почне добро да заработува уште пред да дипломира.

Кога се вратил во родното село, неговото семејство му приредило соодветен пречек и голема вечера. Албрехт станал за да наздрави за саканиот брат кој сето тоа време се жртвувал во негово име. Здравицата ја завршил со следните зборови:

– А сега, брате, ти си на ред. Конечно можеш да заминеш во Нирнберг, за да го исполниш и својот сон. Јас ќе се грижам за тебе.

Сите погледи се свртеле кон другиот Дирер во очекување на одговорот. Со солзи на очи, тој се обидувал да се соземе. На крајот конечно некако успеал, станал, ги избришал солзите и рекол:

– Не, брате. Не можам да заминам за Нирнберг. Предоцна е за мене. Види што им направи четиригодишното работење во рудниците на моите раце. Коските во секој прст ми се скршени најмалку еднаш. Во последно време страдам од артритис до толку што не можам да ја кренам ни чашата со вино за да наздравам. А камо ли да сликам и да правам деликатни гравури. Не, брате… предоцна е за мене.

Од тогаш се поминати повеќе од 450 години. Ремек-делата на Албрехт Дирер се закачени во сите најголеми музеи во светот. Веројатно и вам ви се познати, дури и да не сте свесни за тоа.

Албрехт, сакајќи да му се оддолжи на брата си и да му се заблагодари за жртвата која ја направил во негово име, ќе ги нацрта неговите раце. На своето дело ќе му даде скромно име – „Раце“. Но сликата ќе трогне многу луѓе ширум светот. Денес ја нарекуваат „Рацете што се молат“.

6dd17cfcd23070b9e34a95fb03d8ecdd[1]

- Реклама -