Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП Центар-Јадро продолжува со нова серија разговори со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби. Намерата е да се постигне поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.
Првиот разговор ќе биде со уметничката Елпида Хаџи-Василева во вторник, 25 јуни од 19 часот . Разговорот ќе биде пренесуван во живо на ФБ страницата на КСП Центар-Јадро.
Елпида Хаџи-Василева е македонска современа уметничка со исклучителна меѓународна препознатливост, која живее и работа во Лондон, Велика Британија. Дипломирала на Факултетот за уметност во Глазгов, скулпторски отсек, во 1996 година и магистрирала во истата дисциплина на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон во 1998 година. Таа работи во различни медиуми како скулптура, инсталација, видео, звук, фотографија и архитектонски интервенции. Главниот фокус на работата на Хаџи-Василева е поврзаноста помеѓу истражувањето на спецификите на локацијата за секоја инсталација и науката, историјата, технологијата, заедницата, наследството, природата, пејзажот, екологијата и космологијата. Многу често работи со нетрадиционални материјали, користејќи специфични технологии на припрема на материјали, испитувани во лаборатории со научници и биолози. Препознатлива во стручната и нестручна јавност по специфичното користење на органски отпаден материјал во своите инсталации, со што го поставува транспарентно прашањето за одржливоста генерално, како и за споната естетика – етика во уметностa.
Елпида Хаџи-Василева беше поканета од Ватикан како дел од павилјонот на Светата столица, на 56-та меѓународна ликовна изложба, а ја претставуваше Македонија на 55-та меѓународна ликовна изложба, La Biennale di Venezia, во 2013 година.