Ринкевичс: Ова е многу опасна ескалација, Летонија ќе ја поддржи Полска во секоја одговор што ќе го смета за соодветна

Експлозијата предизвикана од двете руски ракети што погодија село во Полска е „многу опасна ескалација“, напиша на Твитер шефот на летонската дипломатија – Едгарс Ринкевичс, иако засега информацијата за потеклото на ракетите не е официјално потврдена.

Тој порача дека Полска ќе ја има целосната поддршка од Летонија во секој чекор што ќе го смета како соодветен одговор:

„Руските проектили кои погодија територија на членка на НАТО е многу опасна ескалација од страна на Кремљ, Летонија изразува целосна солидарност со нашиот сојузник Полска и ќе ја поддржи секоја акција што Полска ја смета за соодветна. Русија ќе сноси целосна одговорност за сите последици“, напиша Ринкевичс на Твитер.

Претходно и летонскиот министер за одбрана, Артис Пабрикс, обвини дека Русија ги истрелала ракетите кои, како што рече, не само што ги таргетирале украинските цивили, туку погодиле територија на НАТО.

„Мое сочувство до нашите полски браќа по оружје. Криминалниот руски режим истрела проектили кои не само што ги таргетираа украинските цивили, туку паднаа и на територијата на НАТО во Полска. Летонија целосно стои со своите полски пријатели и го осудува ова злосторство“, истакна Пабрикс.

Реагираше и словачкиот министер за одбрана, Јаро Над. На Твитер тој истакна дека е „многу загрижен за руските ракети што паднаа врз Полска“.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

„Русија мора да објасни што се случи. Бесмислените напади врз инфраструктурата мора веднаш да престанат. Руската непромисленост излегува од контрола. Ќе бидам во близок контакт со (полскиот министер за одбрана) Мариуш Блашчак и сојузниците да координираат одговор на ова“, напиша Над на Твитер.

Претходно и неименуван висок американски претставник изјави дека експлозијата е предизвикана од руски ракети. Од Пентагон изјавија дека не можат да потврдат дека се работи за руски ракети.

Официјална Варшава сѐ уште нема потврдено дека експлозијата е предизвикана од руски ракети, но полскиот премиер Матеуш Моравјецки итно го свика Комитетот на Министерскиот совет за прашања на националната безбедност и одбраната.

Портпаролот на полската Влада, Пјотр Мулер, не ја откри причината за свикувањето на итниот состанок.

„Ве молиме, не објавувајте непотврдени информации, за ова ќе разговараме по средбата“, истакна Мулер.

И премиерот на Унгарија, Виктор Орбан свика итен состанок на Советот за одбрана.

Како одговор на прекинот на транспортот на нафта преку нафтоводот Дружба и проектилите што ја погодија полска територија, унгарскиот премиер Орбан свика итен Совет за одбрана, изјави портпаролот на унгарската Влада.

Полска е членка на НАТО. Според Членот 5 од Повелбата на НАТО напад врз една земја-членка се смета за за напад врз сите останати.

Извор: МИА

- Реклама -