17-годишниот Бренан Агранов го почнал бизнисот со custom чорапи уште во средно, со мал заем што го земал од родителите. Досега, во последните четири години, онлајн има продадено чорапи во вредност од над 1 милион долари. Следниот чекор му е да почне да го продава својот бренд во познатите бутици.
Идејата да основа компанија за чорапи со custom-дизајн ја добил на само 13 години. Седел во публика на кошаркарски меч на своето училиште и забележал дека како и кошаркарите, и многу од децата во публиката ги носат истите бели Најк спортски чорапи. Па си помислил: ако овие обични бели чорапи се толку популарни кај децата, чорапи со кул custom дизајн би биле уште поголем хит.
Ама сценариово не се одвива како што мислите: нели, веднаш им ја соопштил идејата на родителите, овие бизнисмени, ја реализирале, ја развиле, па сега го фалат Бренан демек негова е целата заслуга. Не. На Бренан Е целата заслуга.
Пред воопшто да им ја соопшти идејата на родителите, 17-годишников поминал шест месеци истражувајќи околу замислениот бизнис, меѓу кои и за машини и технологија за дигитално принтање. Во меѓувреме изготвил и целосен бизнис план. Дури кога сé имал обмислено, отишол кај родителите да им ја соопшти намерата и да им побара заем. Во прво време, родителите сметале дека планот му е луд, малку „out there“. Но Бренан инсистирал, и на крајот добил 3.000 долари на заем за да ја почне својата компанија.
HoopSwagg – така ја нарекол. Ја почнал во семејната гаража. Побарал од родителите да му купат „колку што можат повеќе бели спортски чорапи“ од популарната локална спортска продавница, а тој почнал да работи на оригиналните дизајни. А да, дечкото е далтонист, но не дозволил тоа да го пишмани, ниту да му попречи во работата; досега има дизајнирано над 300 оригинални дизајни: од забавни (сладолед во корнет што се топи), преку апстрактни, па до фанки реплики на популарниот тепих на аеродромот во Портланд (еден од поинтересните теписи, патем).
Првата година бизнисот одел бавно, но тогаш Бренан почнал интензивно да го промовира својот бренд на друштвените мрежи, притоа „врбувајќи“ го својот круг на онлајн пријатели, ама и група „влијателни“ корисници на друштвените мрежи. Набрзо порачките почнале да доаѓаат во голем број, а HoopSwagg станува популарен бренд (меѓу ентузијастите за чорапи).
Биснисот почнал да цвета, а набрзо родителите на Бренан, на својот имот ќе му изградат објект од 140 m² за потребите на компанијата – мини-фабрика за производство, ама и складиште за шипинг. Во меѓувреме, Бренан официјално ја вработува мајка му, со полно работно време.
Денес добиваат околу 100 порачки на ден. Бројот веројатно ќе биде многу поголем кога ќе се оствари планот на Агранов да се разграни и во бизнисот на стегачи за раце и вратоврски, а секако, и кога ќе почне да ги пласира своите производи во разните бутици. Во моментов, custom чорапите HoopSwagg можат да се најдат на официјалниот сајт, Amazon и eBay.
За четири години, Бренан продаде оригинални чорапи во вредност од 1 милион долари, го купи главниот конкурент, создаде над 300 дизајни, и се прошири и на пазарот на custom принтани врвки за патики – и сéто ова паралелно балансирајќи меѓу школото, домашните обврски и дружењето. И вели дека уживал во секоја минута.
Бренан нема посетено час по бизнис час во животот, ама, како што и сам признава, отсекогаш имал претприемачки дух. Уште на 8 години купувал разни предмети на гаражни распродажби и потоа ги продавал на еBay.
„Во суштина, веќе подолго време учев да го правам ова. Особено денес, со сета информација достапна на Интернет, никогаш не си премлад за да научиш како да станеш претприемач“.
Бренан посветува по околу 6 часа дневно на бизнисот, секој ден откако ќе се врати од школо и ќе заврши со домашната задача. И покрај тоа, годинава ќе матурира шест месеци порано. Во идина планира да оди на факултет, но во моментов планира целосно да му се посвети на бизнисот.
Запамтете го младичов, ништо чудно утре децата да ви кенкаат да им купите „едни кул чорапи што ги виделе на интернет“.