Роналдо стана јутјубер-за само неколку часа Португалецот доби над 5 милиони следбеници


Најпопуларната спортска ѕвезда во светот според бројот на следбеници на социјалните мрежи, Кристијано Роналдо, продолжува да го шири своето влијание во онлајн просторот.

Откако долги години е неприкосновен лидер по популарност на Инстаграм, португалскиот ас реши да влезе во уште една платформа – Јутјуб.

Денеска во 15 часот по македонско време напаѓачот на Ал-Наср официјално го претстави својот нов канал на Јутјуб наречен „УР Кристијано“. Само во првиот час од неговото лансирање, каналот собра импресивни милион претплатници, а веќе има над 4 милиони. Фудбалерот прикачи 18 видеа на самиот почеток.

Видеата на каналот покриваат различни теми, вклучувајќи забавни моменти со неговото семејство, вереницата Георгина и неговиот најстар син Кристијано Јуниор. Во други видеа, Роналдо открива интересни детали од неговиот личен живот, споделува како се справува со притисоците кои ја придружуваат неговата фудбалска кариера и одговара на разни спортски прашања и дилеми.

Во еден од клиповите тој ги дава своите преференции помеѓу НБА и НХЛ, УФЦ и боксот, како и меѓу Мото ГП и Формула 1. Има мислења и за големите тениски имиња – Ѓоковиќ или Надал, а во кошарката – Мајкл Џордан или Стеф Кари. Кај тенисерите, не даде одговор, им се поклони и на Новак и на Рафа.

Легендарниот Португалец кој во февруари ќе го прослави својот 40-ти роденден, наскоро ќе започне свој подкаст.

- Реклама -