Руди Фернандез ја заврши играчката кариера


Капитенот на шпанската кошаркарска репрезентација Руди Фернандез, кој во последните 13 години настапуваше за Реал Мадрид, во петокот на 39-годишна возраст ја заврши својата играчка кариера.

„Се повлекувам со чувство дека сум бил посветен на секој тим или клуб во кој сум бил. Не ни сонував дека ќе летам толку брзо и високо и ќе се натпреварувам подеднакво со сите што ќе ги имам пред себе“, изјави Фернандез преку социјалната мрежа Х.

Сѐ уште не се знае што ќе прави, но вели дека е дојден моментот „да се изгради нов пат“ и „да биде повеќе од кога било со своето семејство“.

Фернандез во последните две сезони ја освои Евролигата во 2023 година, а минатата сезона загуби во финалето на тоа натпреварување од Панатинаикос.

Шпанскиот шампион Реал Мадрид во петокот објави дека Фернандез е „клупска легенда“.

„Од неговото доаѓање овде во 2011 година, тој е референтен играч и еден од големите лидери на тимот, во еден од најуспешните периоди во историјата на клубот“, изјавија од „Кралскиот клуб“.

Со 754 настапи, Фернандез е третот играч со најмногу одиграни натпревари за Реал Мадрид. Притоа освои 26 титули, од кои три титули во Евролигата. Беше капитен на Шпанија на штотуку завршените Олимписките игри во Париз, со што стана шпански играч со најмногу настапи на Олимписките игри. Учествувал на шест Олимпијади од 2004 година во Атина.

За Шпанија забележа 266 настапи, најмногу во историјата. Со селекцијата освои шест златни медали, беше светски првак во 2006 и 2019 година и европски шампион во 2009, 2011, 2015 и 2022 година. Освои бронзени медали на Олимписките игри во 2016 година и на Европското првенство 2013 година.

Играше и за каталонскиот прволигаш Хувентуд и американските НБА тимови Портланд Трејл Блејзерс и Денвер Нагетс.

- Реклама -