Русија фуриозно на стартот од ЕП, Полска и Грција ремизираа (видеа)

На почетокот на 14-то европско фудбалско првенство, ЕП 2012, се одиграа премиерните два натпревари. Во првиот домаќинот Полска од надредена позиција на крајот спасуваше бод, додека Русите буквално ја прегазија Чешка.

Првиот натпревар меѓу кодомаќинот Полска и Грција донесе многу борба, два гола, два црвени картони, но не и премногу допадлив фудбал. На крајот, ги поделија бодовите (1:1), а и двете селекции можат да жалат затоа што не победија. Полска имаше водство од 1:0 по првиот дел со погодокот на Левандовски (17.минута) и играч повеќе по исклучувањето на Папастопулос.

Во второто полувреме Грција израмни преку Салпингидис (51.минута), по слабата реакција на одбраната на Полска, а потоа истиот играч изнуди и пенал што не успеа да го реализира Карагунис. Поточно, вториот голман на Полјаците, Титон, кој влезе во игра по исклучувањето на Шчежни, успеа да го одбрани ударот на капитенот на Грција. До крајот, и двете селекции одлучија дека е подобро премиерниот натпревар од ЕП 2012 да го завршат без пораз и со еден бод на своето конто.

{youtube}B8xQKwqRIpQ{/youtube}

Во вториот меч од групата А, руските фудбалери им одржаа вистинска лекција на репрезентативците на Чешка, декласирајќи ги со 4:1 и на најдобар можен начин покажувајќи кој е главен фаворит за освојување на првото место во оваа група.

Текот на натпреварот беше најавен уште во првите дваесетина минути, период во којшто „Зборнаја“ одигра многу паметно. Препуштајќи ја контролата над топката на противникот, рускиот национален тим многу лесно влегуваше во шанси и експресно ја казнуваше секоја грешка на чешките фудбалери. Серијата погодоци ја отвори Џагоев, којшто беше прецизен од десетина метри откако првиот обид на руските фудбалери заврши во дирекот од голот на Петр Чех.

Прочитајте и:  Групата „Вагнер“ во Африка е се помоќна, а на Кремљ му е многу важна

Во 24. минута резултатот веќе беше 2-0, откако Широков маестрално се снајде по додавањето на Андреј Аршавин и ја смести топката преку Петр Чех во мрежата на противникот. Чешка се понадева дека би можела да се врати во овој меч на стартот од второто полувреме, кога Пилар излезе во ситуација еден на еден, одлично се ослободи од голманот Малафеев и ја погоди празната мрежа.

{youtube}J3RcOIVceeg{/youtube}

Во последните дваесетина минути селекцијата на Чешка целосно се отвори, но не успеа да создаде ниту една посериозна шанса за израмнување. Затоа пак големиот слободен простор во противничката половина на најдобар можен начин го искористија руските репрезентативци, коишто создадоа пет-шест одлични шанси. Откако Кержаков се посрамоти не реализирајќи неколку убави можности, во самиот финиш на сцена стапија Џагоев и Павличенко, кои постигнаа прекрасни погодоци во последните десетина минути ја осигураа убедливата победа на „Зборнаја“.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -