Русија сака да го забрани промовирањето на живот без деца

Пратениците од Долниот дом на рускиот парламент денеска во прво читање го усвоија предлог-законот со кој се бара да се забрани поттикнување на живот без деца, во услови на демографската криза влошена од конфликтот во Украина и со цел да се заштитат „традиционалните вредности“ за кои се залага Кремљ.

Предлог-законот беше усвоен едногласно, по директен пренос од гласањето. Предлог-законот допрва треба да се гласа во второ и трето читање.

– Силно семејство е прогласено за традиционална вредност во Русија во 2022 година, посочуваат во образложението авторите на текстот, меѓу кои и претседателката на Горниот дом на парламентот Валентина Матвиенко и претседателот на Думата Вјачеслав Володин.

– Една од заканите за традиционалните вредности е промовирањето во руското општество на идеологијата за живот без деца, што доведува до слабеење на општествените институции и создава околности за депопулација, истакнаа тие.

Според нив, неколку заедници и групи на Интернет промовираат таков начин на живот и имаат агресивен однос кон луѓето кои имаат деца.

– Затоа треба да се создаде механизам за заштита на традиционалните вредности, објаснуваат авторите, предлагајќи да се забрани промоција на живот без деца на Интернет, во медиумите, во филмовите и во рекламите.

Според Володин, согласно новиот закон, физичко лице може да се казни со околу 4.000 евра, службените лица двојно повеќе, а правните лица до 47.000 евра.

- Реклама -