Русија се врати во договорот за извоз на жито, но „го задржува правото да се повлече“, вели Путин

Русија ќе го продолжи нејзиното учество во црноморскиот договор за житото, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, алудирајќи дека Москва ги добила бараните безбедносни гаранции.

„Руската Федерација смета дека добиените гаранции во моментов изгледаат доволни и продолжува со спроведувањето на договорот – Иницијативата за безбеден транспорт на жито и храна од пристаништата на Украина („Црноморската иницијатива“), суспендиран по терористичкиот напад во Севастопол“, се вели во соопштението на Министерството.

Како што информираше подоцна и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, турскиот министер за надворешни работи разговарал со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој го информирал дека Москва се враќа во договорот и дека од денеска договорот за коридорот за жито „ќе продолжи на ист начин како и досега“.

Како што посочи Ердоган, приоритет ќе биде испорака на жито во африканските земји, вклучително и Сомалија, Џибути и Судан, бидејќи Русија изразила загриженост дека најголемиот дел од житото ќе заврши во побогатите земји.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Ердоган најави и дека подоцна во текот на денов ќе има телефонски разговор и со неговиот украински колега Владимир Зеленски.

За договорот за извоз на жито се огласи и рускиот претседател Владимир Путин. Тој изјави дека Москва го задржува правото да се повлече од Договорот. Сепак, дури и да се реши на тој чекор, увери Путин, тоа нема да влијае на испораките на жито од Украина во Турција.

Како што изјави Путин, во замена за повторно приклучување кон договорот Русија добила гаранции дека Украина нема да извршува напади од деловите на Црното Море опфатени со Договорот.

Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јулi со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони жито од украинските пристаништа на Црното Море, заробени во украинските пристаништа поради руската офанзива врз Украина.

Извор: МИА

- Реклама -