Руски авиони влегле во финскиот воздушен простор

Министерството за одбрана на Финска соопшти дека два руски борбени авиони „Миг-31“ утринава навлегле во финскиот воздушен простор во близина на крајбрежниот град Порво. Упадот во финскиот воздушен простор се случил околу 6:40 часот, а авионите летале во насока запад.

Авионите навлегле во финскиот воздушен простор на длабочина од еден километар, појасни портпаролот на Министерството – Кристијан Вакури.

Денеска руската агенција „Интерфакс“, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, соопшти дека руската армија префрлила три борбени авиони „Миг-31Е“ опремени со хиперсонични ракети „Кинжал“ во пристанишниот град и административен центар Калининград, односно руската енклава меѓу Полска и Литванија на брегот на Балтичкото Море, како дел од стратешките мерки за одвраќање.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

Ракетите „Кинжал“ (на руски бодеж/колец/шило), според Москва, се „невидливи“ за противвоздушната и противракетната одбрана на непријателот – летаат со екстремно големи брзини, до 10 маха или 12.000 км/ч и, во комбинација со маневарските способности, се исклучително тешки или невозможни за пресретнување.

Извор: МИА

- Реклама -