„Сѐ е по план, Русија нема побарано помош од Кина“, вели Песков откако САД му се заканија на Пекинг

Руската специјална воена операција во Украина се одвива според оригиналниот план и ќе биде завршена на време, целосно спроведена – изјави денеска, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавија руски медиуми, пренесува МИА.

Песков, откако тоа го стори и Пекинг, демантираше дека Русија побарала помош од Кина во изведувањето на воената операција во Украина.

Според Пекинг, „дезинформации“ се наводите на Financial Times и Washington Post, кои се повикаа на неименувани официјални лица од САД, дека Русија побарала воена опрема од Кина.

По таквите написи, Вашингтон ја предупреди Кина дека „апсолутно ќе сноси последици“ ако ѝ помогне на Русија, било воено или пак за да ги заобиколи санкциите, како што рече советникот за безбедност на САД – Џејк Саливен, во пресрет на неговата средба со кинескиот шеф на дипломатијата во Рим.

Барањето на Русија за помош од Кина предизвика загриженост во Белата куќа дека Пекинг може да ги поткопа напорите на Западот за помош на украинските сили во одбраната на нивната земја, изјавиле неколку функционери на САД, објави Ројтерс. Според еден од нив, Саливан ќе му ги пренесе на Пекинг таквите стравувања, но и ќе му ги посочи последиците и изолацијата, глобално, со кои Кина ќе се соочи ако ја зголеми својата поддршка за Русија.

Прочитајте и:  Шведска и Финска ги повикуваат граѓаните да бидат подготвени за можноста за војна

Како што изјави Саливан за CNN во неделата, Вашингтон е уверен дека Кина, уште пред да започне инвазијата, знаела дека Русија планира некаква акција во Украина, но дека Пекинг можеби не бил свесен за целосниот размер на планот на рускиот претседател Владимир Путин. Во однос на поддршката од Кина, Саливен рече дека Вашингтон внимателно следи до кој степен Пекинг овозможува економска и материјална поддршка за Русија:

„Комуницираме директно, приватно со Пекинг, дека апсолутно ќе има последици за обидите за заобиколување на силните санкции или за поддршката за Русија да ги надомести. Нема да дозволиме тоа да се случи и да дозволиме сламка за спас на Русија од овие економски санкции од било која земја, било каде во светот“, изјави Саливан.

Шефот на кинеската дипломатија – Лиу Пенгју, пак, за наводната помош што ја побарала Русија, изјави дека „нема слушнато за такво нешто“. Тој рече дека актуелната ситуација во Украина е „загрижувачка“ и дека Кина ги охрабрува сите напори кои водат до мирно решавање на кризата. Тој додаде дека Русија и Украина треба да направат „крајни напори“ за да продолжат и напредуваат преговорите, и покрај тоа што ситуацијата е тешка за изнаоѓање на мирно решение, пренесе Ројтерс.

- Реклама -