На вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН било истакнато дека САД продолжуваат да веруваат оти дипломатското решение е единствениот начин да се создадат услови за раселените либански и израелски цивили безбедно да се вратат во своите домови
Вашингтон верува дека поширок конфликт на Блискиот Исток „не е ниту пожелен ниту неизбежен“ рекол американскиот претставник во ОН, на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН, пренесува „Гардијан“.
„САД не одиграа никаква улога во последните инциденти по бранот експлозии во Либан оваа недела“,
додал тој.
Претставникот на САД нагласил дека е најважно сите страни „да се воздржат од какви било активности кои би можеле да го втурнат регионот во разорна војна“.
„Очекуваме сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да ги преземат сите разумни чекори за да се минимизира штетата врз цивилите, особено врз оние во густо населените области. САД продолжуваат да веруваат дека дипломатското решение е единствениот начин да се создадат услови за раселените либански и израелски цивили безбедно да се вратат во своите домови“,
додаде тој.
Тој вели дека САД ќе продолжат да прават се што е можно за да ја поддржат деескалацијата и трајното дипломатско решение.
Шефицата за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, предупреди дека ако насилството продолжи меѓу Израел, Хамас и Хезболах, тогаш „ризикуваме да видиме пожар што би можел да го надмине дури и пустошот и страдањето што е забележано досега“.
Волкер Турк, високиот комесар на ОН за човекови права, исто така говорејќи на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН во петокот, рече дека меѓународното хуманитарно право забранува употреба на борбени направи во форма на навидум безопасни преносливи предмети.
Тој рече дека е „тешко да се замисли како, во овие околности, таквите напади би можеле да се усогласат со клучните принципи на пропорционалност и претпазливост при напад, според меѓународното хуманитарно право“.
„Воено злосторство е да се изврши насилство со цел да се шири терор меѓу цивилите“,
додаде тој.
Поради бранот експлозии насочени кон Хезболах во Либан оваа недела, Советот за безбедност на ОН почна итна седница.
Состанокот е побаран од Алжир во име на арапските држави, а доаѓа по последниот израелски воздушен напад врз Бејрут, во кој загинаа најмалку 14 лица, а десетици се ранети.
Претходно денеска Пентагон информираше дека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговарал со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Во разговорот, се наведува во соопштението, Остин ја повторил загриженоста поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах и ја нагласил вербата на САД во „важноста од постигнување дипломатско решение што ќе им овозможи на жителите безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата“.
Тој му рекол на Галант дека САД продолжуваат да вршат притисок за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ја потврдил посветеноста на САД за безбедноста на Израел.