САД соопштија дека извршиле нов напад врз хутите во Јемен

Според соопштението на Централната команда на САД, во нападот се уништени четири балистички ракети „хуту“ кои биле подготвени за лансирање и претставувале непосредна закана за трговските бродови и бродовите на американската морнарица во регионот

Соединетите Американски Држави (САД) денеска го извршија третиот во низата напади врз хутите во Јемен, погодувајќи четири балистички ракети подготвени за лансирање, соопшти американската војска.

Фото: EPA-EFE/HOUTHIS MEDIA CENTER

Според соопштението на Централната команда на САД, во нападот на американските сили се уништени четири балистички ракети „хуту“ кои биле подготвени за лансирање и претставувале непосредна закана за трговските бродови и бродовите на американската морнарица во регионот.

Нападот следи откако хутите ја презедоа одговорноста за ракетниот напад врз товарниот брод „Зографија“ под малтешко знаме во Црвеното Море кој пловел на север кон Суецкиот Канал во моментот кога бил нападнат.

Хутите во последните недели ги засилија нападите во Црвеното Море на бродови за кои се сомневаат дека се поврзани со Израел, тврдејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците во Газа, каде што има војна меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.

Поради нападите врз бродовите во оваа поморска зона важна за меѓународната поморска трговија, САД и Велика Британија минатата недела извршија напади врз хутите во Јемен, а тие возвратија со истрелување проектил на американски товарен брод, во напад во кој нема повредени или поголема штета.

Прочитајте и:  Кирби: Заканите од Москва за противракетната база во Полска треба да се сфатат сериозно иако се неодговорни и неразумни
- Реклама -