Сакате да коментирате на статија? Прво ќе полагате мал „приемен“

Новинарот пишува текст, го објавува, и читателите почнуваат да делат свои мислења во секцијата за коментари на веб страната или на социјалните мрежи. И неретко, добар дел од тие читателски коментари не се нешто особено конструктивни или суштински. Напротив, некои коментари, речено со интернет жаргон, се прав канцер. Класика.

И затоа, гледате сé повеќе медиуми и портали кои не дозволуваат коментари на статиите, зашто не само што таму најчесто нема ништо конструктивно, туку се место за неосновани критики во однос на статијата, ама и истурање на фрустрации и навреди кон новинарите. Делумно, за тоа е виновен и нискиот квалитет на денешното новинарство, а со тоа и самите новинари. Но нели, за танго треба двајца, па некогаш е и до самите читатели. Најтрагичното е што проблемот не е во тоа дека тие се глупи, туку зашто најчесто не ја читаат статијата што ја коментираат, некогаш ни делумно.

И не е дека феноменот со коментирање на нечитано го засега само 365.com.mk, или само македонските портали, или којзнае, само Балканот. Се работи за глобален проблем. Лани, на пример, Washington Post пишуваше за студија која покажува дека 6 од 10 од вас ќе го шернат ова без да го прочитаат. Сега имаме друг пример, со Норвешката државна радио телевизија – NRK.

Тие, на пример, воведуваат нова стратегија. Ако читателот сака да коментира, прво ќе мора да докаже дека ја прочитал статијата за која сака да остави мислење. Сé почна од секцијата за технологија на NRK – NRKbeta, кои решија да воведат мал прашалник со неколку понудени одговори на некои од статиите. Прашањата се лесни: да речеме, треба да одговорите што значат скратениците кои се споменуваат во текстот. Ако одговорите правилно, формуларот ви дозволува пристап до секцијата со коментари.

„Сакаме да се увериме дека луѓето ја разбрале статијата, пред да ја коментираат“, вели Стале Грут – новинар од одделот за технологија на NRK. „Ако сите ја разбираат статијата, постои солидна база за коментари на темата“.

Сајтот NiemanLab – кој се занимава со средствата за масовна комуникација, потсетува дека иницијативата на NRKbeta не е единствената на пазарот која се бори против распространетоста на „токсичните“ коментари. На пример, минатата недела, компанијата Alphabet на Google соопшти дека работи со New York Times, The Economist, The Guardian и Wikipedia на испробување на нов инструмент – наречен Perspective, кој ќе ги открива ваквите коментари. Исто така постои и платформа за коментари, создадена од компанијата Civil, која дозволува коментари само ако претходно читателот го оцени доброто однесување во коментарите на другите читатели.

Варијанти има, но ништо не е така просто, ефикасно и здраворазумско како идејата на NRKbeta – старото добро тестирање.

„Се обидуваме да создадеме точки на согласност за да предизвикаме дебата. Ако изразувате мислење за нешто, важно е да знаете што има и што нема во статијата. Во спротивно, луѓето едноставно коментираат напамет“, вели Мариус Арнесен – главен уредник на NRKbeta.

- Реклама -