Големата ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах, побарал зголемување на својата сегашна неделна плата од 350,000 фунти како услов за продолжување на договорот со „црвените“. Според информациите што ги пренесуваат британските медиуми, оваа тема е веќе неколку дена интензивно дискутирана, а новинарот Екрем Конур потврдува дека разговорите меѓу двете страни се во тек.
Во последно време се зголемува динамиката на преговорите меѓу агентот на Салах, Рами Абас Иса, и раководството на клубот. Од таборот на египетскиот фудбалер се сигнализира дека тој би сакал да остане на „Енфилд“,доколку му биде задоволен финансискиот аспект. Сепак, интерес за него покажуваат и тимови како Пари Сен Жермен и неколку клубови од Саудиска Арабија, што би можело дополнително да ги искомплицира работите.
Ливерпул истовремено води преговори и со уште двајца играчи чиј договор наскоро истекува – Вирџил ван Дајк и Трент Александер-Арнолд. Засега, клубот не објавил договор со ниту еден од нив, што остава простор за неизвесност околу иднината на неколку клучни фудбалери. Голема дилема била и возраста на Ван Дајк и Салах, кои се во доцните фази на своите кариери, додека пак се тврди дека десниот бек има намера да премине во Реал Мадрид.
Мохамед Салах блеска оваа сезона, забележувајќи 23 погодоци и 14 асистенции во Премиер лигата, што го прави еден од најдобрите фудбалери во Европа. Многу фудбалски аналитичари го сметаат за водечки кандидат за „Златната топка“. Во моментов, тој останува најплатениот играч на Ливерпул, но прашањето е дали клубот ќе биде подготвен да ги исполни неговите барања за зголемување на платата.




