Салата „Расадник“ ќе биде отворена во четврток со натпревар помеѓу шампионите и ветераните на Вардар

На 11 јуни, Скопје ќе добие нов модерен спортски објект, бидејќи свечено ќе биде отворена целосно обновената спортска сала „Расадник“ во Општина Кисела Вода. Под слоганот „Расадник на шампиони“ и мото „Дом на спортот. Дом на идните шампиони“, отворањето ќе започне во 10:30 часот, а организатори на настанот се Министерството за спорт, Град Скопје и Општина Кисела Вода.

Оваа реконструирана сала е една од најважните инвестиции во спортската инфраструктура на главниот град во последните години, и ќе служи како центар за развој на спортот, рекреација и младински спортски активности. За сите посетители е подготвена богата програма за цел ден, која ќе вклучува спортски демонстрации, дружење со познати македонски спортисти и репрезентативци, како и можност за разгледување на новите капацитети.

Во рамките на настанот планирани се спортски фестивал, средби со значајни спортски личности и актуелни шампиони, свечена церемонија на отворање, како и ревијален натпревар помеѓу актуелниот македонски ракометен шампион РК Вардар и екипата на РК Вардар Ветерани. Посебно внимание ќе биде посветено на најмладите, за кои ќе бидат организирани забавни содржини во специјално подготвена зона.

Прочитајте и:  Феран Торес би можел да направи трансфер во Пари Сен Жермен.

На свеченоста ќе се обратат градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерот за спорт Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски. Организаторите упатија покана до сите граѓани, спортисти, спортски работници и љубители на спортот да присуствуваат на отворањето и заедно да ја прослават новата етапа во развојот на спортската инфраструктура во Скопје.

Влезот за сите посетители ќе биде бесплатен. Во оваа сала, Вардар 1961 ќе ги игра натпреварите од следната сезона во рамките на домашното првенство.