Самит во Каиро: Арапските лидери го осудија двонеделното израелско бомбардирање на Газа

Арапските лидери на денешниот Самит во Каиро го осудија двонеделното израелско бомбардирање на Појасот Газа, повикувајќи на обновени напори за постигнување мировно решение на Блискиот Исток и ставање крај на повеќедеценискиот циклус на насилство меѓу Израелците и Палестинците.

Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас рече дека Палестинците нема да бидат раселени или протерани од својата земја.

– Израелското раководство мора еднаш засекогаш да разбере дека Израел никогаш не може да напредува ако како држава е заснован на неправда. Нашата порака до Израелците е дека сакаме иднина со мир и безбедност и за нив и за Палестинците. Нема да заминеме, ние нема да заминеме, потенцираше Абас на Самитот.

Јорданскиот крал Абдула го осуди, како што рече, „глобалниот молк“ за нападите на Израел врз Појасот Газа и рамнодушниот пристап кон израелско-палестинскиот спор.

– Пораката што арапскиот свет ја слуша е дека животите на Палестинците се помалку важни од животите на Израелците, рече јорданскиот суверен, додавајќи дека Јорданците се огорчени и тажни поради актите на насилство врз невините цивили во Појасот Газа, Западниот Брег и Израел.

Јорданскиот крал Абдула пред учесниците на денешниот самит во Каиро предупреди дека присилното или внатрешно раселување на Палестинците би било воено злосторство.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Риши Сунак не присуствуваат на самитот во Каиро, а официјален Париз не го најави доаѓањето на францускиот претседател Емануел Макрон.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси на денешниот самит во Каиро изјави дека ги повикал светските лидери да се договорат заради справување со хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и за обновување на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

– Одредувањето на рутата за испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа подразбира и договор за прекин на огнот, по што би следеле преговори кои би довеле до решение за две држави, посочи Сиси.

Отсуството на високи американски претставници, главниот сојузник на Израел, и некои други влијателни западни лидери ги намали очекувањата за брзо влијание на денешниот самит во египетската престолнина.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави во Каиро дека го осудува нападот на Хамас врз Израел, предупредувајќи дека овој чин на насилство не го оправдува „колективното казнување“ на жителите на Појасот Газа, спроведено од Израел.

Гутереш повика цивилите да бидат заштитени од израелските напади и да се поштеди цивилната инфраструктура, вклучително болниците, училиштата и објектите на ОН.

Тој укажа на „поширокиот контекст“ на војната, велејќи дека решението на израелско-палестинскиот конфликт и „единствената реална основа за вистински мир и стабилност“ е во признавањето на две држави.

– Израелците мора да видат дека нивните легитимни безбедносни потреби се реализираат, а Палестинците мора да видат дека се реализираат нивните легитимни аспирации за независна држава, рече Гутереш, додавајќи дека ОН работат деноноќно со сите страни за да обезбедат одржлива испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа, откако денеска мина првиот конвој од дваесет камиони.

За време на ненадејниот, смртоносен упад на Хамас на израелска територија на 7 октомври, убиени се 1.400 луѓе, по што Израел вети дека ќе ја избрише милитантната група „од лицето на земјата“, а потоа повеќе од 4.100 Палестинци го изгубија животот во израелската контраофанзива.

МИА

- Реклама -