Само во Кина: Фудбалски терен со дрво на средина

Мил им е фудбалот, ама дрвата им се помили.

Средношколците од пекингшкото средно училиште Yucai мораат да бидат екстра внимателни кога играат на одлично одржуваниот училишен фудбалски терен. Не затоа што дрвото на средина на теренот ќе им ги блокира повеќето додавања, особено високите, во тој дел од теренот, туку затоа што ако за момент изгубат ориентација или не погледнат, може многу лесно да влезат во несакан и болен дуел со истото тоа дрво.

Ај што фудбалски терен со дрво на средина звучи како најглупиот фудбалски терен што може да постои, туку звучи и многу ризично. Тогаш, што бара тоа дрво таму?

Имено, училиштето практично и немало избор. Yucai е опкружено со разни историски важни објекти, а ова бил единствениот достапен простор за изградба на фудбалски терен. Пред да почне со изградба на игралиштето, школото побарало дозвола не да го исече, туку да го пресади (!) дрвото на некое друго место, но биле известени дека е стотици години старо и дека е сметано за национално богатство, а преместувањето би било „премногу ризично“. Па така, училиштето немало друг избор освен да го изгради теренот околу дрвото… Освен можеби да не го изгради, но со оглед дека зборуваме за Пекинг и огромен број ученици, тешко дека тоа било легитимна опција.

Инаку Yucai High School се наоѓа на територијата на пекингшките Кралски Градини на династиите Минг и Квинг, а Beijing News тврдат дека дрвото е најстарото во Пекинг. Не можевме да ја потврдиме таа информација, бидејќи повеќето извори тврдат дека е старо „само“ околу 100 години.

Како и да е, дрвото е таму и таму останува. Стана онлајн хит уште во раните 2000-ти, предизвикувајќи куп хумористични досетки. Но како луѓето дознаваа за причината, шегите постепено стивнуваа. Не дека на училиштето му пречеа, напротив, тие го сметаат за свој симбол.

За среќа, фудбалскиот терен на Yucai служи само за тренинг. Официјалните меѓуучилишни натпревари се играат на други стадиони. Би било многу фрустрирачки да се игра со дрво на средина, макар и сте пораснале играјќи фудбал „позади гаражи“ или „позади зграда“, меѓу дрва.

- Реклама -