СДСМ: Анкетата на Брима докажува дека граѓаните ги препознаваат исправните, државнички политики на Заев и СДСМ

„Анкетата на Брима докажува дека граѓаните ги препознаваат исправните, државнички политики на СДСМ предводена од претседателот Зоран Заев“, истакна денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.

„СДСМ има стабилно водство пред ВМРО-ДПМНЕ, а заедно со коалицискиот партнер Беса коалицијата ‘Можеме’ има сериозно водство кое постојано расте. Истовремено, со храбрите, визионерски и државнички одлуки, претседателот Зоран Заев ја има убедливо најголемата доверба од граѓаните. Претседателот Заев има повеќе од двојно поголем рејтинг од Христијан Мицкоски.

Оваа анкета е потврда дека СДСМ го има најдоброто, потврда дека е силен фаворит на претстојните локални избори. Истовремено, оваа анкета е потврда дека граѓаните не ги поддржуваат деструктивните, погубни политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Кузеска.

Вчера СДСМ ја презентираше анкетата на „Брима“, според која, како што велат, токму тие ќе победат на локалните избори. Според анкетата, СДСМ е во водство од 18.9% пред ВМРО-ДПМНЕ, за која, доколку локалните избори би се одржале денес, би гласале 16.3% од испитаниците. Доколку се земе во предвид и рејтингот на Движењето БЕСА, која е дел од коалицијата, тогаш рејтингот на „Можеме“ е уште повисок и изнесува 22.8%, констатираат од владејачката партија.

Од СДСМ потенцираат дека овие резултати го потврдуваат и нивното водство од анкетата на реномираниот Републикански институт од март, според која СДСМ водеше со 19% од „гласовите“, наспроти 16% за ВМРО-ДПМНЕ. Карактеристично за таа анкета, велат, е што СДСМ го задржал својот рејтинг од 2017 година, додека кај ВМРО-ДПМНЕ има пад од 2%.

Оттаму, коментираат од СДСМ, зачудуваат анкетните резултати спроведени од страна на исто така познатата МЦМС, според која за само еден месец – во април, кога тие ја спровеле анкетата, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ се зголемил за 8% и води пред СДСМ со 0.8%, односно 22.4% наспроти 21.6% од „гласовите“ на анкетираните.

Според анкетата на Брима

Кај другите партии, ДУИ предводи пред останатите партии на Албанците, со тоа што според анкетата на Брима би освоила 6.3% од гласовите, што е пад од речиси 2% во однос на рејтингот од 8% што го покажа анкетата на ИРИ во март. Алијанса за Албанците, пак, според анкетата на Брима би освоила 5.9% од гласовите, што е зголемување од претходните 4% во анкетата на ИРИ и нешто понизок рејтинг од оној од 6.2% во анкетата на МЦМС.

Кај лидерите на партиите, според анкетата на Брима, лидерот на СДСМ – Зоран Заев, останува политичар со убедливо највисок рејтинг и најголема доверба од граѓаните. На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?“, 12.6% изјавиле дека тоа е Заев, додека за Мицкоски се изјасниле само 6% од испитаниците. Тоа е повеќе од двојно поголем рејтинг на Заев во споредба со рејтингот на Мицкоски, потенцираат од СДСМ.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Повикувајќи се на исто вакво истражување на Брима од јули минатата година, СДСМ потенцираат дека имаат пораст во рејтингот на партијата, но и евидентен раст од 3.1 процентни поени на довербата на граѓаните во Зоран Заев.

Со двојно поголемиот рејтинг на Заев наспроти Мицкоски и кумулативниот рејтинг на коалицијата „Можеме“ од 22.8%, анкетата на Брима е потврда високата доверба на граѓаните кон концептите и политиките на СДСМ и за тоа дека СДСМ го има најдоброто и е силен фаворит на претстојните локални избори, како и дека граѓаните знаат дека со премиерот Заев се можни напредокот, развојот и интеграцијата, а не му веруваат на Мицкоски кој нуди единствено деструкција, блокади и лажни вести, порачаа СДСМ и Кузеска.

„Граѓаните не му веруваат на Мицкоски затоа што знаат дека тој не може да донесе никаква промена, знаат дека тој не може да ја реформира ниту сопствената партија. Граѓаните знаат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да враќаат пари назад, затоа што тие 11 години само грабаа од граѓаните, а како опозиција се противеа на секоја мерка што значеше повеќе пари за семејствата.

Затоа на претстојните избори на ВМРО-ДПМНЕ им следува нов, силен пораз од граѓаните. Граѓаните знаат дека со СДСМ се сигурни развојот и напредокот, знаат дека СДСМ го има најдоброто за секоја општина, најдоброто за државата и масовно ќе застанат зад концептот на СДСМ кој води напред кон сигурна иднина“, додаде Кузеска.

Според анкетата на Брима

Според анкетата на Брима, исто така, граѓаните остануваат посветени на европската агенда. Прашани „Што е подобро за нашата земја, да стане или да не стане членка на ЕУ?“, огромни 76.3% од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, додека само 19.8% одговориле негативно.

Според СДСМ, тоа потврдува дека нашата иднина е во ЕУ и дека граѓаните не гледаат алтернатива на членството во унијата, но истовремено претставува и силен пораз за структурите кои заговараат свртување од европската агенда и кои, како што велат, заговараат враќање назад во меѓународна изолација и поделби дома.

** Анкетата на „Брима“ е правена во периодот од 28 мај до 16 јуни, на терен, во домовите на испитаниците, преку ТАПИ методот, при што се опфатени 1.194 испитаници. Маргината на грешка е плус минус 2.8 отсто. Со откупувањето на понудата, СДСМ стекна право истата да ја користи и објавува.

- Реклама -