СДСМ: Четири години власт со историски успеси и непречен раст на економијата

Во изминативе четири години економијата непречено расте, а доказ за тоа се и позитивните резултати постигнати за време на пандемијата од Ковид-19, велат од СДСМ, по повод 4 години од формирањето на првата Влада на чело со премиерот Зоран Заев.

Просечната плата се искачи над 28 илјади денари, додека технолошко индустриските развојни зони пријавуваат највисока економска активност. Преку проектот „Парите назад кај граѓаните“, Владата на СДСМ ја пренасочи економија и ги стави граѓаните во прв план. Со покачувањето на минималната плата од 9 на 15 илјади и зголемување на социјалната помош за цели 300%, сите граѓани во земја ги почувствуваа промените, истакнуваат од СДСМ.

Раст, велат, има и кај индустријата, односно во првиот квартал од 2021 година извозната активност во индустриските зони под надлежност на Владата изнесувал 776 милиони евра или 30% повеќе од истиот период во 2020 година. Во однос на 2018 година порастот е над 41%. И на месечно ниво, извозната активност во март оваа година била највисока во изминатите 4 години и достигнала ниво од 260 милиони евра, што е за 67 милиони повеќе од истиот месец лани.

Владата неодамна го презентираше и новиот Интервентен план за инвестиции за периодот од 2021 до 2027 година, со кој се предвидуваат над 8 милијарди евра инвестиции во македонската економија.

„Со СДСМ и премиерот Зоран Заев во овие четири години државата бележи историски успех“, порача денеска Стефан Васев од СДСМ во изјава за медиумите.

Прочитајте и:  Филипче: Избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење и искуство

„Од држава која беше заробена во режим и изолација, денес сме држава членка на НАТО, економски напредна, која забрзано чекори на интегративниот пат кон ЕУ. Ги вративме слободата и демократијата, спроведовме сериозни реформи во правосудството кои денес обезбедуваат силен, независен и ефикасен правосуден систем кој испорачува првда. Парите наместо во белиот дворец, споменици и палми сега завршуваат кај граѓаните“, истакна Васев.

Истовремено, тој се осврна и на опозицијата. Според СДСМ, во истиот овој четиригодишен период, ВМРО-ДПМНЕ ништо не постигнала и ништо не се променило во партијата. Со партијата сѐ уште управува Груевски, а Мицкоски е само негов поттрчко и извршител кој го брани криминалот на режимот и насилниците од 27 април и кочи сѐ што е во интерес на граѓаните, рече Васев, додавајќи дека тоа граѓаните го препознаваат и затоа на Мицкоски ќе му го приреди и седмиот по ред изборен пораз.

Мицкоски, пак, четирите години власт на Зоран Заев ги карактеризираше како 4 години украден живот на граѓаните. Според него и ВМРО-ДПМНЕ, оваа Влада ги срушила стандардите во политиката, ненормалното го направила нормално и ги довела граѓаните во ситуација кога никој повеќе не очекува од Владата да решава проблеми, туку борбата е барем да не создава нови (повеќе ТУКА).

 

 

- Реклама -