Двете најголеми партии во владејачката коалиција – СДСМ и ДУИ, ги осудија навредите кои демонстрантите ги испратија кон тетовската градоначалничка Теута Арифи на денешниот протест во Тетово, на кој побараа одговорност за пожарот во модуларната болница, во кој живи изгореа 14 лица.
„Форумот на жени на СДСМ најостро го осудува говорот на омраза и вербално родово базирано насилство за време на денешниот протест во Тетово.
Го осудуваме говорот на омраза кон жените во политиката и кон сите жени воопшто, а овие вербални напади кон градоначалничката на Тетово – Теута Арифи, е срамен пример.
Очигледно дека опозицијата, коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, исто така ги злоупотребува чувствата на семејствата на трагично загинатите во политички цели.
Ова е крајно неодговорно однесување врз грбот на националната трагедија додека сѐ уште трае истрагата која ќе ги даде сите одговори за трагичната несреќа.
Политиканството на опозиција, навредите, вербално родово насилство и говорот на омраза насочен против жените се недозволиви“, се вели во соопштението на СДСМ.
Остра реакција упати и Форумот на жени на ДУИ. Како што велат оттаму, „остро го осудуваат недемократското однесување на некои злонамерни луѓе, кои го користат трагичниот случај во Тетово за политички цели и кои денес изразија насилство врз личноста на една жена, мајка, сопруга, сестра, ќерка и градоначалничка на Тетово“.
„Форумот на жени на ДУИ проценува дека навредливите зборови на некои демонстранти кон градоначалничката г-ѓа Теута Арифи, ја навредуваат секоја жена што се занимава со политика и ова не е добро за демократијата на една земја.
Изразуваме искрено сочувство до семејствата и бараме од политичките партии да не ја злоупотребуваат нивната болка.
Во исто време, ги покануваме сите форуми на политичките партии во земјата да го осудат овој чин бидејќи на овој начин ќе го заштитат интегритетот на жената, ќе се заштитат себеси и иднината на положбата на жената во политиката и во општеството“, се вели во нивната реакција.
Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, пак, упатија остри критики за ваквите реакции и демантираат дека протестот, за кој сметаат дека е искажување на гневот, е во нивна организација.
„Престанете да изигравате жртва. Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива отсекогаш ги има почитувано и вреднувано достоинството и важната улога на жената Албанка.
Од друга страна, јавноста добро е запознаена кои се тие кои ги имаат обезвреднувано и навредувано албанските мајки и жени. Корупцијата и криминалот не можете да ги затскриете со родовата еднаквост и неоснованата улога на жртва. Вие треба да сносите одговорност за загинатите мајки, татковци и млади луѓе во модуларната болница во Тетово“, порачаа од албанската опозиција.
„Денешниот протест и искажан револт не е организиран од страна на албанската опозиција, а од друга страна, присуството на наши членови и симпатизери е чин на граѓанска свест и одговорност и нивното присуство е карактеризирано само каков чин, како и на останатите граѓани на Тетово.
Ние не сме ДУИ да фрлиме со камен и да криеме рака. Таквиот чин не е наша политичка особина. Протестите организирани од наша страна отсекогаш биле транспарентни за јавноста и такви ќе останат и во иднина“, се вели во нивната реакција.
Во однос на информациите дека дел од демонстрантите се повикани на разговор во полициска станица, Алијанса и Алтернатива ги повикаа органите за јавен ред и мир и, како што велат, овој хибриден режим, „да престанат со уцените и притисокот врз граѓаните“.
„Причините за денешните инциденти да ги бараат во нивното
политичко делување, начинот на досегашното владеење, честите трагедии и присилниот пристап кон искажување протест и револт на граѓаните“, порачуваат тие.
Како што информираше денес полицијата, во протестите биле повредени четворица полицајци, а приведени се две лица.