„ВМРО-ДПМНЕ и најголемиот шпицен аутсајдер Мицкоски по изборниот пораз го достигнуваат врвот на сопствената дезориентација.
Политичката катастрофа на Мицкоски се темелеше на тоа што тој немаше став за најкрупните политички прашања важни за државата. Но, од синоќа Мицкоски гази во нов негативен феномен, а тоа е заборавањето или газењето врз сопствениот збор“, критикуваат од СДСМ, откако вчера ВМРО-ДПМНЕ реагираше на најавата дека една од договорените точки меѓу СДСМ и ДУИ е укинување на Пржинската влада.
Како што порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, Пржинскиот модел – како договор меѓу опозицијата и власта, Заев нема право еднострано да го укинува без консултација со опозицијата и меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел, и истиот да го користи за пазарење во договорите за нова влада.
Во соопштението на СДСМ, пак, тврдат дека со ова Мицкоски си го погазил зборот, бидејќи и самиот бил за укинување на Пржинскиот модел:
„Среде телевизиско соочување во кампањата, самиот тврдеше дека е против техничка Влада по Пржински модел, за вчера преку партиско соопштение да се противи на најавата за укинување на Пржинската влада“.
Од СДСМ, воедно, побараа и оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ:
„Очигледно е дека кај Мицкоски има нов проблем – освен што не знае политика, економија и енергетика, почнал и да заборава и да гази врз клучни работи кои самиот тој јавно ги кажал.
Еве нов предизвик за Мицкоски и помош за него да си достои на зборот: памети ли шпицниот аутсајдер Мицкоски дека пред цела јавност вети оставка на функцијата во партијата доколку ги изгуби изборите или доколку не направи Влада?
Време е Мицкоски, исправи се, погледни си во очи и потсети се на твоето ветување пред изборите – политичарите се големи онолку колку што имаат јасно дефиниран став и онолку колку што стојат на сопствениот збор. Голем е твојот пораз Мицкоски, исполни си го твоето големо ветување – оставка!“, се вели во соопштението.