„Ќе извисат ли бранителите заради спас на Гаши и желбите на ‘Вреди‘? Ако Мицкоски вели дека дава недвосмислена поддршка на бранителите, еве му му можност тоа да го докаже. Нека му се јави на Гаши да го стави законот на комисиска расправа“, велат од опозициската партија
Како што претседателот на Собранието Африм Гаши за денеска ја закажа седницата на Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето од унгарската банка, така треба да ја закаже и Комисијата за социјална политика, демографија и млади на која треба да се разгледа законот за бранители. Ова е денешната реакција на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) откако вчера претседателот на Собранието Африм Гаши соопшти дека нема да закаже седница на матичното работно тело за да се разгледа законот на бранителите, по што попладнето свика седница на Комисијата за финансирање и буџет откако тоа во деловничкиот рок не го стори претседателката Сања Лукаревска.
„Согласно Деловникот на Собранието, откако претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути вчера не закажа расправа за овој закон во рок од 24 часа, обврска е на Африм Гаши да го направи тоа“,
велат од СДСМ.
Оттаму прашуваат дали премиерот Христијан Мицкоски ќе коленичи и замолчи пред Гаши за игнорирање на Деловникот поради политички причини.
„Ќе извисат ли бранителите заради спас на Гаши и желбите на ‘Вреди‘? Ако Мицкоски вели дека дава недвосмислена поддршка на бранителите, еве му му можност тоа да го докаже. Нека му се јави на Гаши да го стави законот на комисиска расправа“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Пратеничката на Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, Илире Даути, вчера одби да постапи по задолжението на претседателот на Собранието Африм Гаши и да ја свика собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Ова работно тело на Собранието, како матично, треба да ги разгледа предлог-измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, што ги предложи пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, и кои треба да се носат по скратена постапка.
Во случајот со свикувањето на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, во која треба да се разгледа предлог-законот за бранители, што одбива да го направи претседателката Илире Даути, од Собранието информираа дека Гаши не може да постапи според Деловникот и да ја закаже седницата на Комисијата затоа што таа веќе била закажана и одржана вчера во 11 часот.
Сепак, ако се погледне распоредот на вчерашните активности на Собранието на веб-страницата на законодавниот дом, се гледа дека имало седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, но не со законот за бранители на дневен ред, туку на оној за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според новиот Деловник за работа на Собранието, ако законодавниот дом одлучи да расправа за предлог на закон да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш ги задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на закон.