СДСМ: Наместо честитка, ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска-Давкова одбраа да го одмолчат назначувањето на Шекеринска во НАТО

Опозиционерите оценија оти претседателката на државата и ВМРО-ДПМНЕ избрале да бидат „мали“ во момент кога државата е голема и оти ја пропуштиле шансата да покажат дека се на вистината на државничките оврски

Наместо да го честитаат успехот на Радмила Шекеринска, која како прва од нашиот регион е избрана за заменик-генерален секретар на НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска-Давкова одлучија да останат заглавени во сопствената малодушност. Вака утринава реагираат од СДСМ по вчерашното назначување на ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска за втор човек во НАТО, за кое државниот врв јавно не даде никаков коментар.

Радмила Шекеринска, ексминистерка за одбрана / Фото: Архива

„Наместо да честитаат за успехот на една Македонка која го подигна меѓународниот углед на државата, ВМРО-ДПМНЕ молчи како што молчи кога треба да покаже визија, идеја или барем минимална политичка пристојност. Наместо честитка, од нив добивме тишина. И таа тишина зборува гласно за нивната љубомора, за нивниот страв од секој што е поголем од нивната ситна политика“,

коментираат од СДСМ во денешното соопштение.

Опозиционерите оценија оти претседателката на државата и ВМРО-ДПМНЕ избрале да бидат „мали“ во момент кога државата е голема и оти ја пропуштиле шансата да покажат дека се на вистината на државничките оврски.

„Радмила Шекеринска не само што ја водеше нашата држава кон НАТО, туку и ја зацврсти безбедноста и стабилноста на Македонија. Нејзиниот избор е признание не само за неа, туку за секој Македонец кој верува дека можеме да бидеме дел од најголемите светски институции. Но, што може да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ? Од истата партија која се противеше на НАТО, која шуруваше со антизападни агенди и која, очигледно, не може да поднесе дека успехот не е нивен“,

додаваат од СДСМ.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одлучи да ја назначи македонската поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка во Алијансата.

Таа порача оти посветено ќе работи за уште посилна и побезбена НАТО и дека е привилегирана да служи како заменик-генерален секретар во Организацијата.

- Реклама -