СДСМ: Не станува збор за формална оставка на Заев, туку за најавената на 31 октомври

Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) – Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција на 31 октомври најави оставки на двете функции. Формално, Заев нема се уште поднесено оставки на функциите, потврдуваат и од Собранието и од СДСМ. Од владејачката партија нагласуваат дека на денешниот состанок на раководството на партијата биле утврдени следните чекори на партијата што ќе се ефектуираат од наредната недела.

„Не станува збор за формална оставка доставена од претседателот Зоран Заев туку за оставката која тој ја најави на 31 октомври на прес-конференција во СДСМ“, појаснуваат за МИА од владејачката партија.

СДСМ денеска во соопштение посочи дека согласно статутарните одредби, со оставката на Заев на местото лидер на партијата, во оставка е и целото раководство на СДСМ.

Заедно со претседателот Зоран Заев, партиското раководство работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата, стои во соопштението.

„На денешниот состанок на раководството се утврдија следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста, граѓаните, ќе бидат информирани“, истакнаа од СДСМ. Заев на состанокот информирал за консултациите и разговорите со коалициските партнери.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Во истото соопштение се наведува и дека СДСМ разговора со сите партии коалициски партнери, кои, се посочува, потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразија поддршка на Владата од оваа парламентарно мнозинство.

Во меѓувреме денеска на своите профили на Фејсбук своите оставки ги објавија Горан Сугаревски, претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ и Мила Царовска, потпретседателка на партијата и министерка за образование.

Во својата објава Царовска наведе дека со оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев, престанува и мандатот на целото раководство. Се заблагодарува за укажаната доверба и можност да даде придонес во градењето општество за сите и посочува дека останува целосно посветена на борбата за социјалдемократските вредности.

„Изминатите две и пол години, заедно со раководството на партијата, работевме посветено да одговориме на сите предизвици поврзани со подобрувањето на животниот стандард на граѓаните и меѓународниот статус на земјата. Со оставката на претседателот Зоран Заев, престанува и мандатот на целото раководство. Му благодарам за укажаната доверба и можност да дадам придонес во градењето општество за сите. Останувам целосно посветена на борбата за социјалдемократските вредности“, напиша вечерва Царовска на Фејсбук.

- Реклама -