СДСМ: Новите мерки се за заштита на здравјето, Мицкоски да повика на вакцинација

„Растечкиот број случаи на новозаразени од ковид вирусот повикуваат на одговорност и разум од секој поединец, од целото општество. Исклучително е важно што повеќе граѓани да се вакцинираат во овој период и да не наседнуваат на лажни информации“, порача денеска пратеничката на СДСМ – Емилија Рамбабова, порачувајќи му на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, да не ја поткопува, туку напротив – да повика на вакцинација.

„Вакцините докажано штитат од тешки форми на болеста Ковид-19 од секој сој и се најефикасната алатка за справување со пандемијата. Ги повикуваме сите граѓани, кои досега не се имунизирале да го сторат тоа побрзо. Да се упатат до најблискиот вакцинален пункт и да го направат најдобриот можен чекор за да го зашитат своето и јавното здравје. Едноставно кажано, повеќе вакцинирани, значи помалку хоспитализирани и помалку рестрикции“, истакна Рамбабова.

Таа порача дека дезинформациските кампањи и, како што ги нарече, теории на заговор пласирани од разни центри кои ги одвраќаат луѓето од имунизацијата и сеат недоверба кон медицината и науката, се на штета на здравјето на граѓаните.

„Да бидеме разумни, да бидеме одговорни кон себе и кон другите и да го дадеме својот мал, но значаен придонес во оваа борба која е заедничка за целиот свет“, повикаа од СДСМ.

Рамбабова подвлече дека новите рестриктивни мерки кои се најавени мора да стапат на сила пред состојбата дополнително да се влоши, додавајќи дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Затоа, истакна, и многу други држави ги применуваат.

„Тие не го ‘делат народот’ како што неодговорно вели Христијан Мицкоски, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем.

Сѐ додека седи на страна, сѐ додека го гледаме по кафани и теретани и ја игнорира маката на народот, Мицкоски останува политички и здравствен пироман. Затоа, и Мицкоски треба да излезе и да ги повика граѓаните да се вакцинираат, да ги почитуваат мерките, наместо да го поткопува здравствениот систем“, порача пратеничката на СДСМ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, новите мерки против ширење на коронавирусот кои вклучуваат и рестрикции за невакцинираните се „квази-мерки“ кои не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и ќе создадат дополнителни поделби меѓу нив.

„Лично сум и ги охрабрувам граѓаните да се вакцинираат, но истовремено, бидејќи сум легалист, го почитувам уставното право на секој граѓанин да избере дали ќе се вакцинира или нема да се вакцинира. Силно ги осудувам најновите квази мерки на Министерот и Владата со кои во овие сложени здравствени, политички и економски моменти се делат граѓаните. Доколку наместо по провизии и сомнителни посредници, трговци со јужно овошје од Хонг Конг навреме набавевте вакцини со висок квалитет и степен на успешност, денес немаше да бидеме повторно на врвот на листата на држави со најголема прогресија на вирусот. Жалам што ќе мора уште кратко да трае оваа агонија за граѓаните со Вас како Влада, а уште повеќе жалам што како доктор здравјето на граѓаните го споредивте со хоби како што е планинарењето“, порача вчера Мицкоски.

Според Министерот за здравство, пак, мерките не создаваат поделби, туку се нужни:

„Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Тие не го ‘делат народот’ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат.

Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните.

Барам максимална одговорност од сите, Делта сојот брзо се шири. Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација. #ВакцинирајСе“, порача Филипче.

- Реклама -