СДСМ изрази загриженост дека власта, преку усвоената Резолуција, планира да воведе цензура и да ја ограничи слободата на медиумите. Во одговор, ВМРО-ДПМНЕ остро ја отфрли критиката, оценивајќи ја како неоснована и политички мотивирана.
Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ, истакна дека најновиот доказ за, како што вели, „обид за замолчување на јавноста“, е изјавата на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, дадена во интервју за Сител. Огњеновиќ тврди дека Стојановски, фалејќи ја Резолуцијата, изјавил дека таа е „добра за медиумите“ бидејќи ќе се санкционирало ширењето на невистини. Според СДСМ, тоа значи дека власта ќе има право да одредува што е вистина, а што не.
„Ова е доказ дека Резолуцијата не е насочена само кон опозицијата, туку и кон медиумите. Секој кој ќе ја критикува власта ќе биде означен како дезинформатор“, рече Огњеновиќ, додавајќи дека ваквиот пристап е опасен преседан за демократското општество. СДСМ оценува дека станува збор за обид за воведување режимска матрица во која секоја критика се смета за закана за државата, и најавуваат дека нема да дозволат „гушење на слободата на говор“.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение и видео-материјал, остро критикувајќи ги ставовите на СДСМ и обвинувајќи ги за неконзистентност и политичка конфузија. Тие ги повикаа СДСМ и лидерот Венко Филипче да организираат протести против, како што викаат, „про-српските ставови на поранешниот лидер Зоран Заев“. Наведоа дека Заев во минатото имал позитивни ставови за српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Без оглед на анкетите, епилогот за СДСМ е ист. Партијата нема јасна политика, ги менува ставовите и реагира само за да има некакво соопштение“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Македонија има потреба од силна и конзистентна опозиција, но според нив, СДСМ не ја исполнува таа улога. Полемиките околу Резолуцијата продолжуваат, а двете најголеми партии остануваат на дијаметрално спротивни позиции во однос на нејзината суштина и последици.




