Денешната судска пресуда за предметот „ТНТ“ за одмазничкото рушење на „Космос“ уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија со тапија, велат од СДСМ откако на затворски казни беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски – Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба – Тони Трајковски. Како што велат од владејачката партија, осудените се „веќе докажани криминалци и повеќекратни осуденици“.
„Пресуда по пресуда се потврдуваат сите индиции за сторени тешки криминали кои беа објавени преку проектот ‘Вистината за Македонија’, се потврдија наводите дека Никола Груевски е инспираторот на најголем дел од кривичните дела, а Миле Јанакиески негов најревносен извршител“, велат од СДСМ.
Од владејачката партија ги повторија обвинувањата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, е продолжена рака на Груевски.
„Тоа е истиот Груевски кому Мицкоски отпрвин му беше советник за енергетика, а потоа и генерален секретар на партијата, истиот Груевски кој Мицкоски го инсталираше во фотелјата во Белиот дворец. Затоа Мицкоски до ден денес ниту го има осудено криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту се извинил. Напротив, тој со сета сила ги брани криминалците во своите редови. Мицкоски денес во белиот дворец е опкружен со луѓе од режимот, со личности против кои се водат судски процеси, а партијата му ја раководи Груевски од Будимпешта“, се вели во соопштението на СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ денес е истата непроменета криминално-режимска партија која работи против интересите на граѓаните и државата“, додаваат од „Бихаќка“.