Демократската унија за интеграција мора да престане да го партизира здравството. Наместо да организираат протести, подобро е овие 15 дена до изборите да ги искористат да направат 4-годишен план за реформа и демократизација на својата партија. Четири години во опозиција се доволно време за реформа на една партија – реагираат од СДСМ откако денеска младите активисти на ДУИ, преку движењата „Зошто не“ и „Јас Верувам“, одржаа протест пред седиштето на СДСМ против разрешувањето на директорот на ЦЈЗ Скопје – Арбен Зибери, обвинувајќи за дискриминација по етничка основа.
„ДУИ треба да сфати дека довербата кај граѓаните се гради низ годините, а не со евтина национал-популистичка пропаганда во последните 15 дена пред изборите.
Време е и ДУИ и сите останати политички субјекти да се издигнат над партиските интереси.
Здравјето на граѓаните, одржувањето на стабилен здравствен систем, се поважни и повредни од нивната желба за партиско профитерство“, додаваат од СДСМ, потенцирајќи дека кој ќе ги предводи институциите во следните четири години одлучуваат исклучиво граѓаните, а не одлучува ДУИ.