СДСМ: Цените повисоки за 9%, минималната плата повисока за 100 отсто

„Минималната плата се зголемува од 15.200 на 18.000 денари, што значи над 80.000 работници ќе добиваат по 45 евра повеќе секој месец. Тоа е двојно поголема минимална плата во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ кога изнесуваше 8.800 денари“, порачаа денеска од СДСМ, во пресрет на собраниската седница на која на дневен ред, меѓу другото, беа измените на Законот за минимална плата.

Според СДСМ, раст на цените секако има, но растот на минималната плата е многу поголем.

„Официјалните податоци покажуваат дека во 2014 година, вредноста на синдикалната кошница изнесувала 32.133 денари. Во декември 2021 синдикалната кошница изнесувала 35.042 денари.

Тоа значи дека за 9 отсто е зголемена вредноста на синдикалната кошница за 7 години, поради повисоки цени, а минималната плата за истиот период е зголемена за 100%“, порачаа од владејачката партија, потенцирајќи дека СДСМ е на страната на работниците и го подобрува животниот стандард на граѓаните, на работниците.

На денешната седница, со 101 глас „за“, пратениците дадоа зелено светло за предлог измените на Законот за минимална плата да бидат донесени по скратена постапка. Сега предлогот оди пред Комисијата за труд и социјална политика, каде следува тридневна амандманска расправа.

- Реклама -