СДСМ во опозиција барала на секои 5 минути да му се ракоплеска на Груевски

Во име на „борбата за демократија со хартија“, „придонес за демократијата“, „цена на демократијата“, одговор на „злоупотребата на институциите во Република Македонија од страна на една политичка партија“ и „правото на збор кој никој не смее да го угуши“, СДСМ во улога на опозиција во 2007 година, додуша во драстично различни околности од денешните, правела нешто многу слично на она што го нарекува „деструктивност на опозицијата“ и „блокада на Собранието“.

Како што објавуваат проопозициските медиуми, тогаш СДСМ поднела 2.300 амандмани со цел да се спротивстави на предлогот за измена на собранискиот деловник со кој се ограничуваа дискусиите на пратениците на 10 минути, а на координаторите на пратеничките групи на 15 минути. Во тие амандмани, имало и несериозни барања како оние денес на Левица, кои и СДСМ и премиерот Заев ги оценуваат како потценувачки однос кон граѓаните.

Така, на пример, СДСМ поднела амандман со кој бара на секои 5 минути, кога премиерот Никола Груевски зборува од собраниската говорница, да има 30 секунди пауза за задолжителен френетичен аплауз од пратениците. Во друг амандман, веројатно саркастично, СДСМ предлагала премиерот (Груевски) да може кога сака да претседава со законодавниот дом и да има право на завршен збор на секоја седница. Исто така во амандман, СДСМ прифаќала да му се ограничи времето на зборување на пратеникот на 10 минути, но само ако има право 350 пати да се јави за збор.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Според тогашната изјава на пратеникот на СДСМ Борис Кондарко, целта ги оправдува средствата. Кондарко, на 12 февруари 2007 година, рекол вака:

„Нашата борба за демократија е со хартија. Освен правото на говор, пратениците од опозицијата немаат друго демократско право за борба против недемократската власт. Ако сакате Парламентот да биде ефикасен, треба да почитувате најмалку три работи: Прво, да ја почитувате демократијата, работата, начинот демократски на работа на овој Парламент, да ја почитувате опозицијата и самите да си обезбедите кворум и да не се жалите повеќе на опозицијата, затоа што ако толку ви пречи опозицијата, демократски е вие како власт да го напуштите Парламентот. Битно е да се сочува демократијта во Парламентот, па макар и одлуката да биде вие да го напуштите Парламентот“…

Информацијата, првично објавена од порталот „Инфомакс“, очекувано, не пропушти да ја сподели и пратеникот/претседател на Левица – Димитар Апасиев.

- Реклама -