СДСМ: Зад срамните протести стојат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, осуда за нападите на лекарите и медиумите

„СДСМ најостро ги осудува вчерашните протести, пораките, говорот на омраза, навредите кон докторите, медицинскиот персонал, но и новинарите и адвокатите“, порачаа денеска од владејачката партија.

Тие посочуваат дека докторите и медицинскиот персонал кои неуморно се во првите линии во одбрана од корона вирусот се нашите херои кои заслужуваат длабока почит и благодарност, а медиумите и новинарите имаат клучна улога во навремено информирање на граѓаните и недозволиво е да се напаѓаат.

„Не само пораките од овој срамен настан, самиот протест претставува загрозување на здравјето на граѓаните. Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Здравјето на човекот е над сѐ!“, порачуваат од СДСМ.

Според нив, на протестите имало доволно показатели дека зад нив стои опозицијата. Како доказ тие приложија неколку фотографии и принтскринови за поврзаноста на организаторите/учесниците на протестите – со високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и лидерот Христијан Мицкоски.

„Организацијата на протестите во повеќе градови, иконографијата идентична со опозициските митинзи, политичките пораки против актуелни министри, како и евидентно присутните членови и симпатизери на две политички партии, покажуваат дека зад овие протести стојат ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Секако, поддржани од ‘Бојкотирам’.

Токму ВМРО-ДПМНЕ и Левица, беа против новите мерки за заштита на здравјето и за цело време од пандемијата делуваат спротивно на препораките, поттикнувајќи непочитување на мерките. Со овој начин на делување ВМРО-ДПМНЕ и Левица се сериозна опасност по здравјето на граѓаните“, изјави на денешната прес-конференција пратеникот на СДСМ – Ненад Коциќ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да не се грижи, ја обновуваме економијата која ја опустошија

„Лажните информации со кои некој упорно сака да ве одврати од вакцинацијата се на ваша директна штета, на штета на вашето здравје и на штета на здравјето на оние околу вас“, им порача Коциќ на граѓаните.

„Масовната вакцинација е единствен начин за да се заштитите, да го заштитите вашето но и јавното здравје.

Ги повикуваме сите граѓани кои досега не се вакцинирале да го сторат тоа што поскоро. Вакцини има доволно. Фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините“, додаде Коциќ.

Принтскрин – СДСМ

Од СДСМ додаваат дека исто така важно е и почитувањето на новите мерки за заштита на здравјето. Тие посочуваат дека во многу држави веќе е секојдневие да се бара ковид серитификат за влез во различни објекти или на настани. Тоа не е дискриминација, туку одговорност и заштита на јавното здравје, тврдат од партијата.

„Да бидеме одговорни кон себе и кон другите, да дадеме свој придонес во оваа борба која е заедничка за целиот свет“, порачуваат од СДСМ.

- Реклама -