СДСМ: Не е точно дека имаме највисока стапка на инфлација, ВМРО-ДПМНЕ намерно пласира невистини

Не е точно дека имаме највисока стапка на инфлација, реагираат од СДСМ, од каде обвинуваат дека, како што велат, „очајната ВМРО-ДПМНЕ, соочена со криминални скандали за Белиот дворец“, намерно пласира невистини.

„Последен е примерот на Маја Кадиевска Војновиќ од ВМРО-ДПМНЕ која паушално, со нецелосни податоци, крајно неодговорно и несериозно изнесе невистина дека сме на врвот по стапката на инфлација. Доколку се погледнат податоците објавени на официјалната страна на Еуростат за месец април 2022 година, може да се забележи дека истите прикажуваат стапки на инфлација заклучно со месец април, но за многу повеќе земји споредено со податоците прикажани од истиот извор, за месец мај. Податоци за стапката на инфлација за месец мај сѐ уште не се објавени за Бугарија, Чешка, Данска, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Шведска, Исланд, Норвешка и Швајцарија.

Оттука, прво не може без овие податоци, односно со нецелосна слика да се тврди нешто, второ и во објавените податови Северна Македонија има пониска инфлација од многу земји. Како на пример Белгија, Франција, Германија и сите земји на листата за месец мај (со исклучок на Холандија) прикажуваат растечки тренд на стапката на инфлација споредено мај/април“, посочуваат од СДСМ.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Од владејачката партија велат дека факт е дека со растечки стапки на инфлација се соочуваат земјите на глобално ниво, со тоа и нашата. Причините за тоа, потенцираат, се глобални, и истите ги наведува и Евростат. На прво место, потенцираат од СДСМ, е енергијата, односно кризата со енергенси и нивната цена.

„Ширење невистини од типот ‘највисока стапка на инфлација има Република Северна Македонија’ е свесна лага од ВМРО-ДПММЕ, чија цел освен манипулација нема друго. Во време на криза, ВМРО-ДПМНЕ освен што блокира Собрание, шири и невистини, со што директно наштетува на граѓаните“, обвинуваат од СДСМ.

- Реклама -