Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги објави имињата на некои од кандидатите за градоначалници во предстоечките локални избори.
Меѓу нив не се наоѓа актуелниот градоначалник Костадин Костадинов.
Во објава на Фејсбук, тој остро реагираше на Филипче:
Почитувани струмичани и струмичанки,
Мои драги пријатели, соседи и роднини,
Сите вас со кои ги делам деновите, улиците, борбата и соништата…
Од денес, мојата партиска припадност во СДСМ е замрзната. Не со оваа раководна структура и не додека партијата не се врати на вистинскиот пат, поблиску до местото каде што и припаѓа.
Ова не е крајот.
Ова е моментот кога треба да се говори искрено и од срце.
Во последните 11 години, од 2013 година наваму, успеав да не изгубам ниедни избори.
Не затоа што бев најгласен или затоа што имав силна партиска поддршка.
Туку затоа што луѓето во мене гледаа нешто поинакво: посветеност, труд и љубов кон нашиот град.
Не сум случаен градоначалник. Сум дете на оваа земја, на нашата улица, на овој пазар.
Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги создавам како да ги правам за своето семејство.
Затоа не победував јас – победуваше Струмица.
Но, денес стојам пред вас и признаваам нешто што ретко кој политичар ќе се осуди да каже:
Во актуелната политичка ситуација, мојата кандидатура – независно од која партија – нема смисла.
Не затоа што се плашам од пораз.
Навистина не знам што значи да се изгубат изборите.
Туку затоа што нема реална понуда за градот.
Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик.




