Откако помина 30 години во убиства, бомбашки атентати и обиди за атентати, во моментов Колумбија доживува туристички бум. Туристи како никогаш досега привлекуваат и други земји, но единствено Колумбија тоа му го должи на Пабло Ескобар и тоните и тони кокаин, пишува 9news. Целиот овој тренд го нарекуваат „ефектот Наркос“.
Секако, се алудира на популарниот серијал („Narcos“) на Netflix посветен на животот на Пабло Ескобар, но и подемот на картелот Кали, притоа разоткривајќи ја бруталноста на колумбиските наркобарони. Токму серијалот ја буди љубопитноста на туристите.
Колумбија има уште многу фурни леб за јадење пред да стане популарна дестинација, или на пример да ја достигне Коста Рика на северот, но и без тоа во последните 10 години бележи невидена „експлозија“ на туризмот. А не сите ја посетуваат поради културата.
На величествениот плоштад Боливар во Богота човек ќе се наслади на архитектурата од 16-ти век, но тука се наоѓа и Судската палата – истата таа што беше нападната во 1985 година од група зад која стоеше Ескобар. Тогаш загинаа 11 судии. Во денешно време поверојатно е да ве нападнат гулаби. НО…
Во сенките околу плоштадот ќе видите улични трговци кои продаваат мастики, грицки, слатки и цигари. Ако се приближите поблиску, понекогаш ќе ви шепнат и „кокаин“.
Еден грам кокаин во Колумбија може да ве чини меѓу 5 и 10 долари. Во Австралија, на пример, истото количество може да ве чини 300 долари. Ескобар е одамна мртов и погребан, но трговијата со кокаин и ден денес е здрава како дрен.
Две туристки од Мелбурн – Алекс Тулок и Луси Симпсон, направиле пауза од студирањето за да патуваат низ Централна Америка. Тие се таму за да ги посетат уникатните тропски шуми, но не можат да не забележат дека во Колумбија има бран на еден (условно речено) нов вид туристи – тие што се по забавите, а таму се заради евтиниот кокаин.
Според двете Австралијки, очигледна е и лутината со која многу локални жители гледаат кон туристите кои прашуваат за кокаин. „Кокаинот им донесе толку многу страдања на толку многу Колумбијци“, истакнува Симпсон.
Борбата со наркотуризмот не им оди баш од рака на колумбиските власти. Всушност, тие најчесто и замижуваат пред кокаинскиот криминал на ситно – особено им прогледуваат низ прсти на тие што поседуваат до грам кокаин. А да ги фатиш тие со поголеми количества, исто така не е лесно.
Хенри Конради е службеник во имиграционата служба на аеродромот во Богота. Тој инсистира дека техниката за ловење на наркотици на аеродромот е прва класа, но признава дека е скоро невозможно да се ограничи распространувањето на кокаинот на улиците.
Дури и австралиската компанија за туристички аранжмани worldnomads.com.au тера кампања со која ги предупредува туристите за штетите кои ги нанесуваат кога купуваат кокаин во Колумбија.
„Колумбијците се обидуваат да го исчистат името на земјата од тој ужасен товар, а вие им се појавувате во вашите зелени шорцеви и прашувате за кокаин“, вели портпаролот на компанијата Фил Силвестер.
Според податоците на ООН, во моментов Колумбија произведува повеќе кокаин од било кога. Се смета дека во 2016-та таканаречените „лаборатории“ во џунглите произвеле 866 тони кокаин, а во претходната 2015-та – 649 тони. Тоа не е мал скок.
Во Колумбија нема недостаток од локални жители кои ќе ве предупредат/советуваат да не купувате кокаин. Може да ве посоветуваат и да не ја спомнувате серијата „Наркос“. Тоа се времиња, велат, кои преферираат да ги заборават.