„Се надеваме дека ќе продолжи соработката со министерот Филипче“, велат од Здружението на лекари специјализанти

„Плата за приватните специјализанти, фер договори за државните специјализанти и укинување на лихварските договори со обврски и меници на преку 100.000 евра, укинување на интермедиерниот испит, укинување на снимањето и емитувањето во живо на нашите испити и колоквиуми, бесплатна вакцинација против хепатитис Б за сите специјализанти, здравствено осигурување на приватните специјализанти и платените дежурства, се реалност“, соопшти Здружението на лекари специјалисти.

Овие постигнувања, посочуваат од Здружението, меѓу другото се резултат и на покажан слух и неколкугодишна плодна соработка со Министерството за здравство и министерот Венко Филипче, која се надеваме дека без оглед на околностите и одлуките кои ќе следат, ќе продолжи со истиот интензитет во насока на подобрување на статусот на специјализантите.

„Охрабрени од фактот дека сите погоре наброени ставки денес се реалност, можеме само да гледаме напред и да ја продолжиме мисијата кон идни цели и успеси, за подобар статус, положба и едукација на младите лекари и специјализанти, со надеж дека што повеќе од нив ќе ја гледаат својата иднина, живот и кариерен развој да ги рамките во сопствената држава“, стои во соопштението од Здружението на лекари специјалисти.

МИА

- Реклама -