Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека со оваа мерка се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалаци да се намалат во просек за околу 10 отсто
И покрај најавата дека за ова прашање ќе се расправа следната недела, Владата денеска одржа вонредна седница на која, на предлог на Министерството за економија и труд, донесе одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо.
На листата на т.н. есенска кошничка се 73 производи меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.
„Трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот ‘помалку трошоци, повеќе за тебе’ кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд. Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70 отсто од прибавените количини во месец август 2024 година од овие производи на листата“,
изјави министерот Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција.
Одлуката стапува во сила од денот по објавување во „Службен весник“, а ќе важи до 31 октомври.
Министерот за економија изјави дека со оваа мерка се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалаци да се намалат во просек за околу 10 отсто.
Листата на производи чии маржи се ограничуваат ја пренесуваме во целост:
- ориз бел во пакување од 900г до 1кг;
- брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;
- бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
- печени пекарски производи (ѓеврек обичен, бурек со месо и сирење, баничка со месо и сирење, симит-погача и лисната кифла, обична и со сирење);
- бисквити, „Petit Beure” и бисквити обични од 300гр до 500 гр;
- тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица без и со јајца од 500 гр (без додатоци).;
- масло за јадење од сончоглед, во пакување од 1 литар;
- месо, јунешко, без коски, од бут или некој друг дел;
- месо, свинско, без коски, од бут или некој друг дел;
- пиле (свежо и замрзнато) цело;
- пилешки стек (свеж и замрзнат);
- салама, шункова во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
- чаен колбас, од свинско месо (без додатоци и без слајс пакување);
- чаен колбас, од говедско месо (без додатоци и без слајс пакување);
- пилешка посебна салама во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
- паштета од џигер или пилешка (кокошја), (без додатоци) во пакување од 95гр и 100 гр.;
- замрзната риба ослиќ;
- трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост 2,8%, 3,2% и 3,5% во пакување од 1 литар;
- јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8% до 3,2% во пакување од 1 литар;
- кисело кравјо млеко (обично без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2 % во пакување од 400гр до 500 гр;
- павлака од кравјо млеко, кисела со масленост од 12% до 20% во пакување од 180гр до 400 гр;
- урда;
- традиционално кравјо бело сирење (без додатоци);
- традиционално мешано бело сирење (без додатоци);
- традиционален кравји кашкавал (без додатоци);
- традиционален мешан кашкавал (без додатоци);
- свежи јајца од кокошка, пакување 1/10;
- масло ,(путер), индустриски произведен (пакување од 250 гр.);
- маргарин, (обичен), пакуван од 250 гр;
- јаболка;
- праски;
- грозје трпезно;
- лимони;
- портокали;
- банани;
- исчистени ореви;
- грав;
- кромид;
- компир;
- морков;
- спанаќ;
- зелка;
- краставици;
- корнишони;
- лук;
- тиквици;
- боранија;
- домат;
- пиперки;
- карфиол;
- тиква;
- модар патлиџан;
- леќа;
- магдонос;
- брокула;
- праз;
- зеленчук замрзнат (мешавина) во фолија од 450 гр;
- зеленчук замрзнат од пченка, во фолија од 450 гр;
- зеленчук замрзнат од грашок, во фолија од 450 гр;
- боранија замрзната, во фолија од 450 гр;
- маслинки, црни;
- грашок конзервиран во пакување од 400гр;
- ајвар од печени пиперки, тегла до 660 гр;
- краставички, конзервирани, тегла до 720 гр;
- печурки маринирани (сецкани), тегла до 720 гр;
- шеќер кристал бел;
- џем и мармалад;
- чоколадо млечно обично, во пакување од 100 гр;
- кечап;
- мајонез во тегла од 660 гр;
- зачин (вегета, зачинал и слично);
- кафе пржено мелено пакувано од 200гр;
- сок кашест (матен) овошен од разно овошје во тетрапак од 1 литар.