Сè што сум остварила во мојот живот им го посветувам на моите родители

Трн: Како е да се работи во институција која има толку многу историја во неа?

Дита: Тоа е чест, но и голема одговорност. Самата институција уште од своето основање била значајна алка во оформувањето на македонската модерна и современа уметност, имала свои златни периоди кога во неа се случувале исклучителни активности клучни за нашата ликовна сцена и била раскрсница каде што се градело и презентирало најзначајното кај нас, но била и посакувана дестинација за многу поранешни југословенски и светски ликовни уметници. Најголем дел од она што денес го нарекуваме историја на македонската ликовна уметност е обликувано во Националната галерија – порано Уметничка галерија, Скопје. Низ изминатиот 75-годишен раст Галеријата се има стекнато со над 3.500 исклучително вредни експонати, кои покрај антологиското значење, на нашата институција ѝ додаваат и материјално наследство за кое со години водиме голема грижа со особена одговорност. Уште еден фактор што има и свои предности, но и тешкотии, а кој придодава уште повеќе кон историјата на нашата институција, се двата велелепни објекти од исламското наследство во нашата земја – Даутпашиниот амам и Чифте амам. Тие ѝ даваат еден посебен белег на нашата институција, но носат и дополнителна грижа за нивно одржување и адаптација, за да ги задоволат условите за нашето музејско-галериско функционирање.

Трн: Кои се предизвиците со кои се соочувавте изминативе години на раководната позиција како директор на Националната галерија?

Дита: Предизвици има секогаш, од различна природа и извори. Секогаш постојат незадоволници кои ќе го оспорат нашето работење или ќе ни упатат тенденциозно негативна критика без чесни намери, туку со тенденција да ја потценат целокупната работа на нашата институција. Но заедно со професионалниот тим, ние успеваме да ги решаваме или да ги совладуваме таквите предизвици, за да не излезат во јавноста нуспојавите што се нормални случувања во секое работење. Не дозволуваме мали концентрации на негативни енергии да ни ја одземат големата слика за сето она што е потврдено од критиката и публиката, за сето добро што го имаме сработено низ годините. Се обидуваме да бидеме професионални во односот, да одговориме соодветно на барањата на уметниците, на институциите и на дипломатските претставништва, без притоа да го загубиме квалитетот, што е основа на нашето работење.

Трн: Како се доживувате себеси – како уметник, професор, менаџер, куратор? Во која улога најубаво се чувствувате?

Дита: Имам огромна среќа што можам да се носам со сите овие професии. А во суштина, сите тие се надополнуваат. Како уметник можам многу добро да ги разберам барањата на уметниците кои сакаат да изложуваат во Националната галерија, па секогаш им пристапувам со големо разбирање и внесувајќи се со мислата дека тековната изложба треба да ја надмине претходната по својот квалитет. Улогата на професор, освен едукацијата на младите, во некои сегменти ми помага за пренесување на знаења како да се презентира изложбата и да се отвори широко кон публиката. Менаџерската и кураторската активност се неоспорно најкомплексни и најпредизвикувачки во однос на секојдневната динамика да се истрае со сите тековни недостатоци за да се реализираат сите замислени активности. Тука сакам посебно да изразам благодарност за поддршката прво на прекрасниот тим на Националната галерија и за соработката низ годините со сите чинители во Министерството за култура, со кои успеавме да изградиме прекрасна приказна за Националната галерија. Имајќи ги предвид сите наведени професии, би се навратила кон мојот првобитен порив, кон мојата пасија. Да се биде уметник за мене е најважниот позив и се радувам што целиот мој живот е поврзан со најубавата професија што ми дава поттик за се да реализирам мултидисциплинарно.

Трн: Со што никогаш не правите компромис?

Дита: Секако, со личниот и со професионалниот интегритет.

Трн: Често комуницирате со младите и со новото во уметноста. Дали се забележува нов бран и што ни носи тој како квалитет?

Дита: Со младите комуницираме во областа на едукацијата, но нашиот став е дека за да стигнат да изложуваат во Националната галерија, треба да поминат еден филтер со работно и изложувачко искуство во други институции соодветни на нивниот кариерен развој. Не велам дека нашите врати се сосема затворени за нив, и ние вклучуваме избори за најдобри проекти на млади уметници и секако, следејќи ја сцената, дозволуваме презентирање на исклучителни таленти. Но како што кажав, сметаме дека треба да се дооформат професионално за да влезат официјално во нашата програма. Младите се присутни преку нашите вонпрограмски активности, како изложби на факултетите за ликовни уметности, архитектура и дизајн. Постепено Факултетот за ликовни уметности кај нас почнува да ги осовременува своите програми, вклучувајќи предмети што се занимаваат со нови и дигитални медиуми, негуваат интердисциплинарни соработки со други факултети, ги мотивираат студентите во послободна експериментација. Оттука, веќе се појавуваат новитети, но во очекување сме да се појават наскоро уште повеќе, цел бран млади креативци кои соодветно ќе одговорат на современоста и на новите тенденции во уметноста. Ние будно следиме што се случува и, нормално, соодветно реагираме.

Трн: Кој е вашиот најголем успех досега?

Дита: Би го издвоила успехот на многубројните проекти по кои Националната галерија сè повеќе станува препознатлива во земјата и во регионот, како и негувањето партнерски односи со поединци, здруженија и институции од земјава и од странство. Претставувањето на најзначајните уметници, односно сè поголемата насоченост кон реализирање на јубилејно-ретроспективни изложби. Ваквите изложби, по кои оваа институција станува препознатлива пред пошироката публика од сите генерации, не само што имаат за цел да ги претстават местото и улогата на творците на македонската уметничка историја туку потсетуваат и на значењето на културното наследство и на колективната меморија, а влијаат и едукативно, запознавајќи ги помладите генерации со највредните ликовни остварувања. Воедно, просторите на Националната галерија се отворени за сите генерации творци кои нудат квалитетни и иновативни презентации.

Особено сум горда на претставувањата во странство, при што морам да истакнам дека во долгогодишната историја на нашата институција, Националната галерија повеќепати последователно беше носител на официјалните претставувања на најпрестижната манифестација Биенале во Венеција, како и на Биеналето за архитектура.

Понатаму следува збогатување на меѓународната соработка, од кои би ги споменала грантовите на Амбасадата на САД, традиционалната соработка со Француската амбасада и со Францускиот институт по повод Деновите на франкофонијата, потоа соработката со Италијанската амбасада, со Канцеларијата на Европската Унија, со Јапонската амбасада, со Британскиот совет, со Холандската амбасада, но и со сродни установи во регионот, конкретно со Галерија Матица Српска, каде што беше конзервирано и значајното дело од Сава Шумановиќ „Турска бања“. Секако, тука е и соработката со независната сцена, од кои би го издвоила гостувањето на Шејла Камериќ.

Предизвиците поврзани и со развојот на музејската дејност постојано се надминуваат во секојдневната работа, преку многу проекти за заштита, конзервација и реставрација на обемната колекција уметнички дела и музејски предмети, но и преку соработката со сродни институции во нашата земја и во странство. Како посебна целина во областа на заштитата ја издвојувам и комплексната долгогодишна реализација на проектот од национално значење поврзан со сите конзерваторско-реставраторски работи на објектот Музеј спомен-куќа на Лазар Личеноски, како и на заштита на сите уметнички дела, музејски експонати, етнолошки и библиотечен материјал од овој значаен легат или, накратко, подигање на свеста за легатот.

Освен музејската и галериската дејност на Националната галерија, особено значајна е и едукативната практика, во која се вклучени деца од најразлична возраст и со различни попречености. Секако, тука неизбежно е да ја споменеме и реконструкцијата на Чифте амам со помош на грантот од Амбасадата на САД во Скопје, но и од Холандската амбасада за инклузивност.

Може нескромно да се пофалиме и со бројни награди, од кои би ги издвоила и повеќето последователни награди на ИКОМ за музеј и проект на годината. Се разбира, најголемата награда е потврдата за препознаен квалитет за партнери и реализацијата на релевантни проекти значајни за културата, но и сè побројната публика.

Трн: Што наследивте од вашите родители? Кој е највредниот совет што го добивте од нив?

Дита: Моите родители Луан и Гзиме Старова ми беа секогаш пример колу треба да се вложува човек во тоа што го работи за да има успех, никогаш не заборавајќи на семејството. Да се истрае во својот личен развој и образование со најголемата пасија, преку многу учење и читање. Силно да верувам во мојата уметност и амбиција и бескомпромисно да работам за да бидам препознатлива по успешноста, но да бидам и лично задоволна и исполнета.

Сè што сум остварила во мојот живот, во мојата кариера, сè што сум постигнала досега, им го посветувам ним.

- Реклама -