Седи да ти кажам за слободата, Санчо

sancho

Слободата, Санчо, е еден од најценетите дарови со кои небото ги дарува луѓето. Со неа не можат да се споредат ниту богатствата кои ги крие земјата, ниту оние кои ги таи морето. За слободата, како и за честа, може и треба да се жртвува животот, и обратно, лишувањето од слобода е најголемото зло што може да му се случи на човекот.

Ти го кажувам ова, Санчо, зашто ги виде гоштевките и изобилството на кои им се радувавме во замоков кој сега го напуштаме; добро тогаш, сред оние вкусни јадења и ледени напитоци мене ми се чинеше дека се измачувам од глад, бидејќи не им се насладував со истата слобода како што би им се насладувал ако беа мои; бидејќи должноста да возвратиш за направените ти добрини и милости се синџири кои му пречат на духот да биде слободен. Среќен е тој, на кого небото му дало парче леб за кое тој не мора да се заблагодари на никој друг освен на самото небо.

Прочитајте и:  Наградуваната книга „Слобода“ од Леа Ипи објавена и на македонски јазик

Запомни Санчо – ако го избереш патот на добродетелта и се стремиш да правиш само добри дела, нема зошто да им се завидува на оние чии татковци биле кнезови и сењори, бидејќи крвта се наследува, а добродетелта се стекнува и вреди сама по себе многу повеќе од крвта.

Слободата, Санчо, е на врвот на бојното копје!

Мигел де Сервантес, во „Дон Кихот“

- Реклама -