Седумнаесет вработени на агенцијата на ОН загинати во израелските напади во Газа

Најмалку 17 вработени во Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, изјави денеска шефот на агенцијата Филип Лазарини.

„Досега е потврдена смртта на 17 наши колеги во оваа брутална војна. За жал, реалната бројка најверојатно ќе биде поголема“, вели Лазарини во писмена изјава.

Тој додава дека некои од овие луѓе „биле убиени дома со нивните семејства додека спиеле“.

„Нагласувам дека од избувнувањето на војната на 7 октомври, Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци редовно им обезбедува на сите страни во конфликтот геолокација на целата своја инфраструктура во Појасот Газа. И покрај тоа, досега се погодени најмалку 35 згради, некои со директни удари“, рече Лазарини.

Прочитајте и:  Борел го повика Израел да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан

Тој истакна дека „во Појасот Газа, континуираните воздушни напади и бомбардирања, во комбинација со наредбите за евакуација на израелските сили, доведоа до раселување на еден милион луѓе и предизвикаа смрт на многу цивили“.

Притоа, Лазарини повика на „итен хуманитарен прекин на огнот“.

МИА

- Реклама -