Секое трето дете на возраст од 6 до 9 години има вишок килограми

Триесет пациенти кои боледуваат од гојазност и за кои постојат медицински а не естетски индикации, за прв пат ќе имаат можност скапиот оперативен зафат за слабеење, бесплатно да го направат на Клиниката за дигестивна хирургија.
Меѓу нив е и најтешкиот човек во Македонија со 288 килограми.

Директорот на Дигестивна, Огнен Костовски објасни дека покрај можноста за бесплатна операција, на десет пациенти ќе им биде овозможена и експандирачка капсула, за што ќе бидат обезбедени од Фондот 150 милиони денари.

Околу 35 проценти од луѓето во Македонија се обезни. За нивен третман има два центри на Клиника и во 8ми септември, а се најавува отворање на ваков центар и во Прилеп. Министерот Таравари најавува третман за нови 200 пациенти со дијабет а кои имаат обезност.

Алармантна е ситуацијата и кај децата. Во земјава според Институтот за јавно здравје 30,4% од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок килограми. Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина.

Доктор Ирфан Амети од Здружението Обезност Македониј вели дека се прават напори за да се отвори центар за менаџирање на обезноста кај децата и на клиниката за педијатрија. Нагласува дека едукацијата во училиштата е неопходна.

Директорот на Клиниката за ендокринологија, д-р Танер Хасан, повика да се отвораат што е можно поголем број на центри за дебелина низ сите градови низ Македонија, бидејќи како што рече двата постоечки не се доволни за да им излезат во пресрет на потребите на пациентите.

Во светот годишно од гојазност умираат околу пет милиони луѓе. Гојазноста е причина за дијабет, хипертензија и канцер.