Лацио ја победи Болоња со 3:0 во последниот неделен натпревар од 13. коло на италијанскиот фудбалски шампионат, забележувајќи ја седмата последователна победа во сите натпреварувања и 11-та во последните 12 натпревари.
Еден од клучните моменти на натпреварот се случи во 35. минута кога гостите останаа без Томас Побега, кој беше исклучен. Потоа Болоња добро се бранеше до 68. минута кога Самуел Жигот погоди за 1:0 по изведен корнер. Францускиот дефанзивец влезе во игра во 46. минута, а тоа беше негов прв гол во дресот на римскиот клуб.
Сите сомнежи околу прашањето на победникот ги реши Лацио четири минути подоцна кога по брза контра Матија Закањи погоди за 2:0. Конечните 3:0 ги постави Фисајо Деле-Башира во втората минута од судиското надополнување.
Претходно Наполи во дербито на колото ја победи Рома со 1:0 и се врати на врвот на табелата. Натпреварот го реши голот на Ромелу Лукаку во 54. минута. Рома најблиску до гол се најде во 66. минута кога Артем Довбик ја погоди гредата. Тоа беше трет последователен пораз за Рома, а петти во последните шест натпревари и моментално се на 12. место со 13 бодови.
Фиорентина на гостински терен го победи Комо со 2:0. Јакин Адли во 19. и Мојс Кин во 68. минута ги постигнаа головите за осма победа на „Виолите“. Комо остана со играч помалку во судиското надополнување откако беше исклучен Алберто Досена.
Торино и Монца ремизираа 1:1. Домашните поведоа во 59. минута со голот на Адам Масина, а израмни Милан Ѓуриќ четири минути подоцна.
На првата средба во неделата Џенова и Каљари одиграа 2:2. Гостите од Сардинија поведоа во осмата минута, кога Романецот Разван Марин погоди од пенал, а потоа дојде до пресврт за домашните, кои најпрвин израмнија во 12. минута преку Данецот Мортен Френдроп, а во 59. минута , Фабио Мирети ја доведе Џенова во водство. Роберто Пиколи во 86. минута од пенал донесе бод за Каљари.
Наполи води на табелата со 29 бодови пред Аталанта, Интер, Фиорентина и Лацио со по 28 бодови.
Во понеделник колото ќе го затворат Емполи и Удинезе, а Венеција и Лече.