Во продукцијата на ТВ-серијата „Зоки Поки“, која е модерна екранизација на култната детска лектира на Оливера Николова, се вклучува и јавниот сервис. Со влегувањето на државната телевизија во копродукција, тоа значи и дека серијата, чие снимање е завршено, ќе се емитува на единствената фреквенција на која доликува (од аспект на тоа дека таму ги гледавме и купот други незаборавни детски емисии и програми од нашето детство) – на Македонската радио телевизија.
Серијата е во режија на Александар Поповски, а во продукција на Роберт Насков и Кино Око, со поддршка на Агенцијата за филм. Според Насков, со Поповски од самиот почеток идејата им била серијата да се прикажува на Македонската телевизија. МРТ, пак, не само што ќе ја емитува, туку и финансиски ќе ја поддржува емисијата, открива тој, додавајќи дека токму преку оваа фреквенција ќе се оствари главната цел на серијата – да допре до секој гледач.
Поповски и Насков велат дека се одлучиле за екранизација на „Зоки Поки“ не само затоа поради желба за враќање кон вредностите на кои им се заканува исчезнување и не само затоа што ова култно литературно дело е релевантно за многу генерации, туку и затоа што „Зоки Поки“ може да им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното брзо време.
Од МРТ велат дека сценариото за „Зоки Поки“ едноставно „светнало“ меѓу останатите пријавени на јавниот конкурс и дека Комисијата едногласно го прифатила.
„Култниот роман ‘Зоки Поки’ на Оливера Николова, создаден пред 56 години, ја докажа својата безвременска димензија. Без разлика на трансформацијата на информациското општество, на преминот во дигиталниот свет, оваа лектира остана најомиленото четиво. Публиката го сака ‘Зоки Поки’, а Јавниот сервис ѝ припаѓа на публиката“, велат од МРТ, додавајќи дека јавниот радиодифузен сервис има сосема поинаква улога, односно да емитува не само информативна, туку и играна, детска, забавна, едукативна содржина.
„‘Зоки Поки’ знае како да го купи целиот свет и да ја освои Лидија, а и ние знаеме како да ја освоиме публиката. Го чувствуваме нејзиниот пулс. Оваа играна серија доаѓа во вистински момент. Момент во којшто креираме програмска шема која ќе ги натера гледачите да заборават на далечинскиот управувач“, велат од МРТ.
„Зоки Поки“, иако современа, ќе ги пренесува безвременските вредности и пораките проткаени во неговите авантури, а од МТВ се сигурни дека „‘Зоки Поки’ ќе ги натера гледачите, кај и да се, да се најдат пред ТВ екраните, како во старите добри времиња. Со стопроцентна сигурност, серијата ќе доживее огромна популарност и се разбира гледаност. Не ќе постоеше Зоки Поки да не постоеше Лидија. Во тој контекст: Не ќе постоеше Јавниот сервис, да не постоеше негова публика“.