Електричните автомобили се уште се егзотика на патиштата на Германија. Но, тоа наскоро во целост ќе се промени, поради одредени стимулации што за овој сегмент ги подготвува германската влада.
Со стимулациона програма вредна милијарди евра федералната влада и автоиндустријата имаат намера да ја зајакнат продажбата, да изградат станици за полнење и да го забрзаат истражување во областа на батериите. Како дел од оваа програма замислено е и големи бонуси за корисниците при купувањето на електрични автомобили. Ова го потврди министерот за економија, Зигмар Габриел.
Програмата е веќе во сила и за 100% електрични возила со батерија се дава „екобонус“ од 4.000 евра. Така се нарекуваат премиите – односно по 2.000 евра од државата и 2.000 евра од производителот. Кај хибридните автомобили, кои се полнат со приклучок и имаат дополнителен мотор со внатрешно согорување, „екобонусот“ изнесува е 3.000 евра (1.500 евра државата и 1500 евра производителот).
Овој бонус е важен сигнал за индустријата, бидејќи темата електромобилност и дигитализацијата ќе ја дефинираат иднината на автомобилската индустрија.