Шаленберг: Имам чувство дека го губиме Балканот

Берлин, 20 јуни 2022 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг се надева дека на самитот на Европската Унија ќе има јасно упатен сигнал не само во правец кон истокот, туку и кон југоистокот на Европа.

Според Шаленберг, Украина не е во конкуренција со државите од Западен Балкан. Се работи за веродостојноста на ЕУ, смета Шаленберг, во постигнувањето напредок и за државите од југоисточна Европа, што добија ветување од Унијата во Солун, пред 19 години.

Тој зборуваше и за давањето статус на кандидат на Босна и Херцеговина и на Косово.

„Имам чувство дека го губиме Балканот“, појасни министерот.

Шаленберг истака дека во Србија расположението кон ЕУ е понегативно од претходно.

„Тоа не е дворот во задниот дел на Европа, туку во центарот. Затоа мора да дејствуваме. Тоа е нашата најважна стратешка задача што е пред нас“, предупреди министерот.

Со учество на земјите од Балканот на советите на ЕУ и во фондовите, тој смета оти може јасно да се покаже дека тие се пред влез во Унијата.

„Не разбирам зошто Кина купува автопати во регионот, а ние тоа го набљудуваме. Понекогаш не ја разбирам нашата логика“, подвлече Шаленберг.

Тој додаде дека „ако делуваме силно во Украина и Молдавија, тогаш тоа мораме да го направиме и на Западен Балкан“.

- Реклама -