Шарл Мишел на средба со Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој престојува во еднодневна посета на земјата. На средбата присуствуваше и aмбасадорот на ЕУ – Дејвид Гир, и координаторите на пратеничките групи и претставниците на помалите политички партии во Собранието.

„Поздравувајќи ја одлуката на претседателот Мишел за посета на земјата во овие моменти со цел да се запознае со различните мислења и ставови, претседателот Џафери посочи дека актуелното раководство и во минатото носело одлуки кои долгорочно се покажале како правилни за државата и нејзината иднина и дека носи одговорност за донесување стратешки одлуки. Правејќи паралела со помирувањето на Франција и Германија како основа за формирањето на денешната Европска унија, заклучи дека единствен начин за надминување на билатералните несогласувања останува отворениот дијалог и меѓусебното разбирање. Во однос на доставувањето на документите за прифаќањето на преговарачката рамка“, Џафери истакнал дека по истите соодветно ќе се пристапи штом бидат доставени до Собранието, соопшти Кабинетот на Џафери.

Претседателот Мишел образложил дека доаѓа во име на 27 земји членки на Унијата кои стојат зад предложената рамка за лично да ги слушне аргументираните и легитимни мислења и резерви на политичките актери, нагласувајќи дека има разбирање за фрустрациите и разочараноста во последните години околу официјалното неотпочнување на преговорите.

„Случувањата во поширокото европско соседство придонесоа за порешителни одлуки на европските лидери во однос на процесот на проширување и спречување на трети страни за остварување на нивните интереси кои се спротивни на интересите на Унијата. Во однос на загриженоста околу формулациите во преговарачката рамка, тој појасни дека за македонскиот јазик се упатува јасна порака од Советот на ЕУ дека истиот се почитува и сите документи во текот на процесот ќе се преведуваат на македонски јазик. Исто така, потенцираше дека добрососедските односи се дел од критериумите и дека е важно истите да бидат надминати, но дека во процесот на преговори се вклучени сите членки на ЕУ кои будно ќе го следат процесот на преговори“, се наведува во соопштението.

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, искажал благодарност за денешната средба во еден исклучително сензитивен период за државата, укажувајќи ја нетранспарентноста во водењето на стратешките прашања како причина за реакциите на пошироката јавност, искажувајќи резерва за предлогот со барање да се достави на увид билатералниот протокол со Република Бугарија, за да се увери јавноста дали тој е или не е дел од преговарачкиот пакет.

Координаторот на Пратеничката група на СДСМ – Јован Митрески, како што информира Кабинетот на Џафери, посочил дека процесот на преговори е комплексен и го образложил револтот кај граѓаните заради непочитувањето на дадените гаранции по Преспанскиот договор и за почеток на преговори со ЕУ. Граѓаните чувствуваат несигурност дали во оваа преговарачка рамка се последните барања за земјата. Тој искажа поддршка и побара помош од ЕУ во текот на процесот.

Координаторот на Пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, истакна дека пријателите доаѓаат да дадат поддршка во тешки времиња.

„Тој алармираше за напливот на лажни вести околу актуелниот предлог, особено за македонскиот јазик и за почетокот на преговори само за Република Албанија, апелирајќи до сите чинители да го прифатат предлогот со што ќе се стави крај на овие вести и за рационалност во донесување на вакви важни одлуки. Претставничката на Алтернатива, Сафије Садики Шаини, го поддржа актуелниот предлог, повикувајќи на државна и општествена кохезија во процесот. Координаторот на Пратеничката група на Алијанса за Албанците – Илире Даути, го наведе нивниот јасен став за донесување стратешки одуки, како членството во НАТО и сега почетокот на преговори со ЕУ, давајќи поддршка на актуелниот предлог и искористување на моментумот за враќање на надежта, особено кај младата популација во земјата“, се наведува во соопштението.

Претставникот на Беса, Бастри Бајрами, наведе дека земјата нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија и дека даваат јасна поддршка на актуелниот предлог, со апел за зрелост на политичките субјекти за иднината на следните генерации.

„Претседателот Мишел се заблагодари за искажаните ставови, посочувајќи дека има многу појасна слика за актуелните случувања, охрабрувајќи ги политичките лидери да донесат одлуки според сопствените убедувања. Вратата на ЕУ е отворена: Сега од вас зависи дали ќе влезете внатре, заклучи Мишел“, информира Кабинетот на претседателот на Собранието.

МИА

- Реклама -