Шефицата на американското разузнавање: Поддржавме биолаборатории во Украина

Директорката на Националната разузнавачка служба на Сједињените Држави, Тулси Габард, во своето последно соопштение објави откритие на „досега невидени разузнавачки податоци“. Според неа, овие информации откриваат нови аспекти на финансиското поддржување од американската влада на повеќе од 120 биолаборатории во над 30 земји, вклучувајќи ја и Украина.

Габард истакна дека овие податоци досега не биле достапни за јавноста и најави дека американската разузнавачка заедница ќе продолжи со истражувањето на локациите на лабораториите, патогените со кои тие се занимаваат, како и типот на истражувања што се спроведуваат.

Во нејзиното соопштение, Габард предупреди дека некои од биолабораториите во Украина може да бидат во опасност поради војната со Русија. Спомна и дека американските разузнавачи претходно укажале на ризикот од еден лабораториски објект во Украина, финансиран од САД, кој може да содржи опасни патогени и да биде подложен на оштетување или напади во услови на конфликт.

„Многу од овие биолаборатории, поддржани од американската влада, се фокусираат на истражувања со опасни и високо заразни патогени, а во некои случаи и на истражувања за зголемување на функцијата (gain-of-function), при што недостига неопходниот надзор и транспарентност“, изјави Габард.

Прочитајте и:  Спомен за Љупчо Неделков – етнологот кој својот живот го даруваше за истражување и зачувување на македонската традиција.

Таа ги обвини претходните американски администрации за создавање заблуди во јавноста во врска со постоењето и природата на овие лаборатории, исто така нагласувајќи дека вршеле притисок на оние кои ги подигнувале овие прашања.

Истражувањата за зголемување на функцијата подразбираат научни методи преку кои се модифицираат постојните организми за да се добијат нови или подобрени својства. Американскиот претседател Доналд Трамп во мај 2025 година потпиша извршна наредба со која се забранува користењето на федерални средства за вакви истражувања.

Русија претходно тврдела дека во украинските лаборатории, со поддршка од САД, се развива биолошко оружје. Од друга страна, Украина и западните држави ги отфрлија овие обвиненија, потврдувајќи дека станува збор за лаборатории за јавноздравствени истражувања кои добиваат меѓународна поддршка.

Според извештајот на Би-Би-Си од 2022 година, дел од украинските лаборатории добиваат финансиска и техничка помош од САД, Европската Унија и Светската здравствена организација, но во нив управуваат локални институции, а не американските власти. Американското Министерство за одбрана од 2005 година работи со украинското Министерство за здравство на модернизацијата на лабораториите за јавноздравствени истражувања во земјата.